Доколку должите за некоја неплатена сметка, доверителите имаат право да побараат блокирање на вашата сметка. Процедурата се состои од следново:
- прво, доверителите (сами или со помош на адвокат) поднесуваат барање на платен налог;
- второ, го доставуваат до нотарите со кои соработуваат, а тие врз основа на неподмирените фактури го издаваат тој платен налог;
- трето, преку фирмите за достава, налозите се дистрибуираат до должниците.
На граѓаните им останува рок од 8 (осум) дена да поднесат жалба, а потоа, доколку не се изнајде решение, случајот оди на суд. Доколку обврската и натаму не се подмири, платниот налог се сели кај извршител. На износот се пресметува и камата од денот на поднесување на барањето.
Извршителите, како средство за наплата на побарувањата, најчесто го користат блокирањето на сметка како најлесно решение, а можат да наплатат и со сподогба, со согласност да се одбива третина плата секој месец додека не се подмири долгот.
Колку ќе ве чини извршувањето?
Според Законот за извршување, извршителот има право да блокира банкарска сметка и од неа да одземе дел за да наплати долг за струја, вода, парно, кредит и слично. Исто така, има и право да влезе во домот на должникот и да изврши попис на предметите во негова сопственост, да заплени дел од нив и потоа да ги продаде на јавно наддавање.
Добрата вест за македонските граѓани е тоа што не треба да се плашат многу од вакво соочување со извршителите бидејќи ретко се случува тие да применуваат заплени, освен ако не се работи за хипотека на недвижен имот.
Еден попис чини од 400 до 500 евра, а должникот е обврзан да ги плати и трошоците на полициската придружба на извршителот. Така, асистенција на полицаец чини 6 евра плус ДДВ од час, а се плаќа и процент за полициската опрема и плус по 1 евро на километар за комбето. На товар на должникот паѓа и трошокот за ангажманот на проценителот.
Кои работи не смеат да ви ги земат?
Законот за извршување пропишува дека не смее да се земаат облека, обувки, долна облека и други лични предмети, постелнина, садови, мебел, шпорет, ладилник и друго со вообичаена вредност, потребно за задоволување на основните потреби на домаќинството. Не смее да се запленува ниту храна и огрев во залихи за три месеци, ортопедски помагала и слично. Иако Законот им дозволува, извршителите апстинираат од одземање на компјутери, стари телевизори.