Богатството на сопственикот на групацијата за луксузни стоки ЛВМХ (LVMH) Бернард Арно се зголеми за 17 милијарди долари и изнесува 201 милијарда долари, откако кинеската централна банка (ПБоЦ) го претстави пакетот стимулативни мерки за поттикнување на економијата.
Акциите на ЛВМХ се зголемија за 9,9 отсто бидејќи инвеститорите веруваат дека новите економски мерки ќе ја зголемат кинеската побарувачка за луксузни стоки, објави Блумберг (Bloomberg).
Богатството на Арно, моментално четвртиот најбогат човек во светот, е речиси целосно врзан за неговите 48 проценти од акциите во ЛВМХ.
Според актуелната листа на милијардери на Блумберг, најбогат човек на светот и натаму е американскиот претприемач Илон Маск со имот од 268 милијарди долари.
На второ место е основачот на Амазон, Џеф Безос со богатство од 214 милијарди долари, додека на третата позиција е извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг, чие богатство се проценува на 202 милијарди долари.
На листата се наоѓаат коосновачот на технолошката компанија Оракле (Oracle), Лари Елисон – 181 милијарди долари, како и коосновачот на Мајкрософт (Microsoft), Бил Гејтс со богатство од 163 и поранешниот директор на Мајкрософт, Стив Балмер чие богатство изнесува 149 милијарди долари.