Боинг во САД успеа да спречи голем штрајк. Компанијата и синдикатот ИАМ се договорија за зголемување на платите од 25 проценти за повеќе од 33.000 вработени.
Неколку дена пред заканувачкиот штрајк, производителот на авиони Боинг на својот најголем синдикат му вети зголемување на платите од 25 проценти во следните четири години. Синдикатот ИАМ (IAM – Меѓународна асоцијација на машинисти) првично бараше зголемување од 40 проценти Договорот беше објавен во неделата, а покрај зголемувањето на платите, вклучува и дванаесет недели родителско отсуство и подобрувања на трошоците за здравствена заштита и пензионирање. Околу 33.000 вработени кои се претставени од ИАМ, првенствено на локациите во Вашингтон и Портланд, го градат, меѓу другото, најпродаваниот модел Боинг 737.
Слично големо зголемување на платите лани успеа да издејствува и синдикатот кај американските големи производители на автомобили.
Покрај тоа, Боинг вети производство на нов модел во синдикално организираните фабрики во областа Сиетл. Тоа беше клучното барање на синдикатот откако Боинг пред повеќе од една деценија основаше фабрика без синдикално застапеност за производство на моделот 787 Dreamliner. Но, за договорот треба да одлучат уште и членовите на синдикатот – тоа треба да го направат во четврток на гласање на кое ќе се изјаснат за или против резултатите што сега се постигнати. Актуелниот колективен договор истекува во четврток. Но, сепак може да биде донесена одлука за штрајк, дури и ако синдикатот го препорача прифаќањето на договорот.
Боинг во последно време се бори со криза на угледот, не само затоа што дел од ѕидот на кабина на Боинг 737 Макс -9 на Алјаска ерлајнс со 171 патник се откачи на средината на лет. Оттогаш, американскиот регулатор за воздухопловство ФАА дополнително ги заостри барањата за Боинг. На компанијата ѝ е дозволено да произведува само 38 737 Макс авиони месечно. Не е јасно колку долго ќе се применува оваа граница. Освен бизнисот со комерцијални авиони, во криза е и одбранбениот бизнис. Одделот изгуби милијарди во изминатите две години бидејќи склучуваше договори по фиксни цени и не беше во можност да го пренесе на клиентите зголемувањето на трошоците за енергија и суровини. Компанијата неодамна објави дека ќе го промени курсот.