Во рок од две години во Европската унија ќе стапи на сила закон со кој ќе се забранат програмираните дефекти на уредите, ќе се олесни нивната поправка и ќе се подобрат ознаките на гаранциите, најави европратеничката Билјана Борзан, известувач за ова прашање.
Европскиот парламент во мај годинава го усвои извештајот на хрватскиот претставник на социјалистите и демократите, во кој, во согласност со целите на зелената транзиција на ЕУ, се повикува на потрајни производи, укинување на програмираното расипување на уредите, проширување на мрежата за нивна поправка и подобрување на ознаките за одржливост на производите. Оваа недела законот успешно ги помина преговорите со Европската комисија и Европскиот совет, а треба да стапи во сила за две години.
– Оваа недела, околу една година откако го напишав првиот текст на законот, ги завршивме преговорите. Шпанскиот министер Фуентес од Советот, комесарот Рејндерс пред Комисијата и јас пред Парламентот преговаравме седум часа. Резултатот се значителни промени во делот на правата на потрошувачите и неправедните деловни практики кои ќе го олеснат животот на нашите граѓани и ќе овозможат заштеда, рече Борзан.
Таа посочи дека нејзино истражување покажало дека 94 отсто од граѓаните сметаат дека уредите произведени пред дваесет години траеле подолго.
– Исто така, моето истражување како и европското истражување потврдија дека уредите најмногу се расипуваат меѓу втората и третата година, токму кога истекува задолжителната законска гаранција од две години. Затоа сум пресреќна што имаме строга забрана со високи казни од минимум четири отсто од прометот, рече Борзан.