Во духот на дарувањето и празнувањето, овој Божиќ, НЛБ Банка го одбележува со неколку добротворни иницијативи кои имаат за цел да донесат топлина и радост во оваа празнична сезона. И овој пат под мотото „Свет полн со добрина е свет полн со можности“, Банката издвои средства за донации на локални организации и институции, потврдувајќи ја уште еднаш својата посветеност кон заедницата и поддршка на оние кои можеби се соочуваат со предизвици во овој празничен период.
Во рамките на своите Божиќни донации, разбирајќи ја важноста на здравствената заштита за сите, НЛБ Банка, во соработка со Црвениот крст на град Скопје, донираше медицинска помош во лекови и витамини за повеќе од 180 бездомни лица на територијата на Скопје кои ги користат услугите на Пункот за бездомници на Црвениот крст во Момин Поток.
Со искрена желба за што повеќе детски насмевки, Банката донираше и пакетчиња со слатки Божиќни изненадувања на пет организации на родители на деца со посебни потреби, како и сетови за прва помош при доење за мајките родилки на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
„Празниците се време кога, повеќе од кога било треба да сочувствуваме и да споделуваме. Едноставно, празниците се време на сплотеност и заедништво, мигови кои ни ги греат срцата и ни носат чувство на мир и спокој, уште повеќе кога празничната радост ќе ја поделиме со другите. Ние во НЛБ Банка веруваме во моќта на заедништвото и во позитивните промени што доаѓаат од колективните заложби и дека единствено свет полн со добрина е свет полн со можности. Затоа неуморно создаваме можности онаму каде се потребни и оставаме подобри траги за подобра иднина на генерациите кои доаѓаат.“ – истакнуваат од НЛБ Банка по повод Божиќните донации.
За потсетување, НЛБ Банка и минатата година ја заокружи со успешна реализација на три големи донаторски проекти: заврши реновирањето на едно крило од Центарот за едукција „Солферино“ во Струга на Црвенот крст кој се користи за престој при рехабилитација и психолошка поддршка на деца и возрасни, пристигна донацијата за Асоцијацијата за цистична фиброза во спирометри и помагала за физикална терапија за пациентите, а едно основно училиште од Охрид доби комплетно опремена сензорна соба за деца со атипичен развој, проект реализиран во соработка со Фондацијата „Чекор по чекор“.