Поранешниот британски премиер Гордон Браун предупреди дека светот е на работ да падне во нова финансиска криза бидејќи владите не успеале да се изборат со причините на последниот крах пред десет години.
Браун беше премиер кога американската инвестициска банка Леман брадрс ја предизвика најстрашната финансиска криза од „Големата криза“ во 20 век, а сега порачува дека светот е без лидери и дека влегува во период на ранливост.
„Во опасност сме да „измесечариме“ во нова криза. Потребно е многу силно бидење на свеста за ескалацијата на ризиците, но живееме во свет без лидери“, изјави 67-годишниот Браун.
Тој смета дека глобалната економија не успеала да развие систем на навремени предупредувања и следења на финансиските текови на начин да може да се одреди каде се позајмуваат парите и под кои услови.
„Се занимававме со малите нешта, но не и со големите нешта“, истакна Браун кој беше британски премиер од 2007 до 2010 година.
Тој смета дека се мали казните за финансиски малверзации и дека многу банки би очекувале ново спасување во случај на нова криза.
„Пеналите за малверзации не се доволно засилени. Стравот дека банкарите ќе отидат во затвор поради лошо однесување го нема. Не постои доволно силна порака дека владите нема да ги спасуваат институциите кои не си средиле по дома“, објасни Браун.
Тој укажа и дека меѓународната соработка која помогна во борбата против глобалната криза пред десет години денес не е возможна бидејќи државите станале протекционистички.
„Соработката на која сведочевме во 2008 не би била можна во 2018, во смисла дека централните банки и владите работеа заедно. Би имале показна вежба за префрлање на вината, наместо решавање на проблемот“, заклучи поранешниот британски премиер.