Јавното задолжување во Велика Британија би можело да се удвои доколку излезе од ЕУ без договор, тврди британската Канцеларија за буџетска одговорност (ОБР).
Во случај на Брегзит без договор, јавниот долг може да се зголеми на 60 милијарди фунти, а ако земјата излезе од ЕУ со договор, оваа бројка би изнесувала 29,3 милијарди фунти.
ОБР, кој е основан за да прави независна анализа на британските јавни финансии, во првата проценка за сценариото со излез без договор, се послужи со анализа на ММФ според која британската економија ќе ослаби за 2 проценти во 2020 година, за да закрепне во 2021 година.
Ова ќе се следува по воведувањето на тарифата од 4 отсто за производи од ЕУ.
– Зголемената несигурност и намалената доверба ќе нанесат штета на инвестициите, додека „трговските бариери дополнително ќе го отежнат извозот”, се вели во извештајот на ОБР.
– Овие два фактори заедно ја водат Велика Британија во рецесија, при што цената на имотот и вредноста на фунтата значително ќе паднат, се додава во текстот.
Тука се и ризикот од инфлација и зголемување на задолженоста на јавниот сектор за 12 проценти до 2024 година.
ОБР додава дека ова не е најверојатно сценарио, ниту најлошо можно сценарио, и оти двајцата конзервативни кандидати за премиер нудат предлози кои „ќе ја зголемат владината задолженост за десетици милијарди фунти”.