Европската унија ќе ги укине царините за американските стоки до крајот на март 2025 година, што Брисел го воведе како одмаздничка мерка на тарифите на Вашингтон за челик и алуминиум од ЕУ.
Оваа информација е објавена во вторник на официјалната веб-страница на Унијата, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс. Брисел одлучи да се воздржи од тарифи врз основа на договорот со САД во кој Вашингтон вети дека ќе ги суспендира и сопствените царини од 25 отсто за европскиот челик и давачките од 10 отсто за алуминиумот од ЕУ. Американските царини за челик и алуминиум од ЕУ беа воведени во 2018 година од страна на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Вашингтон претходно се согласи да ги суспендира своите царини за европскиот челик и алуминиум на две години, почнувајќи од јануари 2022 година, и да ги замени со квоти.
Американскиот систем на квоти дозволува увоз до 3,3 милиони тони челик од ЕУ и 384.000 тони алуминиум во САД без давачки, додека дополнителните количини подлежат на даноци. Европската комисија се пожали дека американскиот систем на квоти е ригиден, но овој спор ќе го решат политичарите кои ќе бидат на власт по изборите во ЕУ и во САД.