Бројот на банкроти во Шведска се очекува да скокне за 29% за цела 2023-та година на највисоко ниво од 1990-тите, кога пукна имотниот „балон“ и го осакати банкарскиот систем на скандинавската земја, пишува „Bloomberg“.
Ова може да биде само врвот на ледениот брег како резултат на постојано високата инфлација и каматните стапки, соопшти кредитната референтна агенција „UC“, која ги состави податоците. Во декември бројот на стечајци е зголемен за вкупно 23 отсто во однос на една година претходно, се вели во соопштението.
„Малку оптимистичкиот тренд што го видовме наесен, кога се чинеше дека банкротите се стабилизираа, сега се менува и овој развој повторно се забрзува“, коментира извршната директорка на „UC“, Габриела Јорансон.
Се очекува Шведска да западне во рецесија оваа година, иако се чини дека централната банка ја заврши 18-месечната кампања за зголемување на каматните стапки во услови на забавување на инфлацијата. Според Јорансон, „UC“ гледа фаза во која компаниите кои досега „траеја“ и беа одржливи повеќе не се во можност да одржуваат стабилен промет и ликвидност. Тоа, пак, може да го поттикне следниот бран банкротства, вели таа.
Во исто време, бројот на нови стартапи беше најмал во повеќе од една деценија за многу големи индустрии, вклучително градежништвото и малопродажбата, како и угостителството и рестораните.
„Бројот на пропаднати компании сè уште не го надминал нивото од 1990-тите бидејќи денешниот пазар е поглобален од тогаш, а кризата повеќе го погоди светот“, вели Јорансон.
Сепак, условите за финансирање би можеле да се олеснат од летото со намалување на стапката од страна на централната банка, објави Националниот институт за економски истражувања минатиот месец.