Во јануари во земјите на Европската унија се регистрирани 831.201 нов патнички автомобил, што е за 2,6 отсто помалку во однос на истиот месец лани и најниско во последните четири месеци, објави денеска Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).

Резултатот е значително понеповолен отколку во декември, кога е забележан раст на нови регистрации на автомобили за 5,1 отсто на годишно ниво.

Резултатите од јануари од големите европски пазари укажуваат на значителен пад на продажбата на годишно ниво во Франција за 6,2 отсто, Италија за 5,8 отсто и Германија за 2,8 отсто, додека продажбата во Шпанија е зголемена за 5,3 отсто.