Според најновите податоци на Народната банка во 2017 година, бројот на лица вработени во банкарскиот систем се намали за 566 и изнесува 5.929. Најголемо намалување на вработените има кај една средна банка (за 53 лица) и една мала банка (за 21 лице). Од друга страна, позабележителен пораст на вработените има кај една голема банка (за 38 лица).
Учеството на вработените со минимум високо образование и натаму се зголемува, достигнувајќи 78,8%, односно зголемување од 2,1 процентен поен, што укажува на понатамошно подобрување во квалификациската структура на вработените во банкарскиот сектор.
„Продуктивноста на банкарскиот систем и натаму се подобрува. Во текот на 2017 година, активата растеше, но забавено во однос на претходната година, додека, пак, видлива е негативна промена на бројот на вработените лица.
Анализирано по поединечна банка, мерено преку износот на активата по вработен, продуктивноста е подобрена кај дванаесет банки, при што кај седум од нив тоа е резултат на раст на активата при истовремено намалување на бројот на вработените, кај четири од нив, тоа е резултат на побрзиот раст на активата од растот на вработените, а кај една банка, зголемениот износ на активата по вработен произлегува од побрзиот пад на бројот на вработени во споредба со падот на износот на активата“, соопшти НБРМ.
И покрај зголемувањето на продуктивноста на ниво на банкарскиот систем, поради споменатото позначително намалување на бројот на вработени кај една средна банка, распонот меѓу банката со највисока и банката со најниска продуктивност значително се прошири, додека кај распонот помеѓу првиот и третиот квартил на показателот за активата по вработен речиси и да нема промени во однос на 2016 година.