Дефицитот на американската влада во првите три месеци од тековната буџетска година, кој започна на 1 октомври, изнесува рекордни 572,9 милијарди долари.

Ова значи дека тој бил за 60,7 проценти повисок во споредба со истиот период пред една година, додека трошоците за борба против пандемијата со ковид-19 пораснале. Министерството за финансии во средата објави дека за трите месеци од буџетската година, дефицитот е поголем за 216,3 милијарди долари отколку во истиот период октомври-декември пред една година.

Дефицитот рефлектира скок на трошоците за 18,3 проценти, на 1,38 трилиони долари, што е рекорден во тој период, додека приходите паднаа за 0,4 проценти, на 803,37 милијарди долари. Само во декември дефицитот беше рекорден со 143,6 милијарди долари. Дефицитот за буџетската 2020 година, кој заврши на 30 септември, се искачи на највисокото ниво од 3,1 илјади милијарди долари.

Почнувајќи од минатата пролет, Конгресот на САД одобри мерки за трошење трилиони долари за борба против штетата што и се нанесе на економијата од падот предизвикан од пандемијата. Рецесијата, во која милиони Американци останаа без работа, значеше и пад на даночните приходи во време кога се зголеми побарувачката за програми за поддршка на владата, како што се надоместоците за невработеност и боновите за храна.

Извештајот покажа дека расходите во декември изнесуваа рекордни 489,7 милијарди долари, додека приходите 346,1 милијарди долари. Во потрошената сума не бил вклучен пакетот помош од 900 милијарди долари што Конгресот конечно го усвои по неколкумесечни расправии, бидејќи не беше потпишан пред крајот на тој месец.

Претседателот Доналд Трамп го одложи потпишувањето на законот, што го нарече „срамота“, бидејќи во него има само 600 американски долари директни плаќања на физички лица. Избраниот претседател Џозеф Бајден одобри зголемување на таа директна исплата за уште 1400 долари. Тој рече дека поголема сума ќе биде вклучена во новата рунда за исплата на поволностите што ќе ја побара од Конгресот кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.

Покрај директните плаќања, декемврискиот закон за олеснување прошири две специјални програми за бенефиции за невработеност, насочени кон ублажување на ефектите од пандемијата. Бенефициите за невработеност изнесуваа 80 милијарди долари од октомври до декември, за разлика од само 5 милијарди долари во истиот период минатата буџетска година. Канцеларијата за буџет на Конгресот предвиде дека дефицитот оваа година ќе изнесува 1,8 трилиони долари, а дефицитот ќе остане над еден трилион долари годишно до 2030 година.