Извршниот директор на државната компанија Булгартрансгаз изјавил дека Бугарија, како алтернатива, започнала преговори со Турција за обезбедување рута за снабдување со природен гас
Извршниот директор на бугарската државна компанија Булгартрансгаз, Владимир Малинов, изјави за БНТ дека, иако Русија ја прекина испораката на природен гас за Бугарија, нема да го запрат транзитот на руски гас за Северна Македонија, Грција и Србија.
Како што пренесува МИА, Малинов изјавил дека Бугарија, како алтернатива, започнала преговори со Турција за обезбедување рута за снабдување со природен гас.
Булгартрансгаз е подготвен да го наполни бугарското национално складиште за гас во Чирен до крајот на летото и во текот на есента.
Малинов рече дека вчера е направено уште едно тестирање на гасната врска меѓу Бугарија и Грција и се се одвива според планот, така што интерконекторот ќе биде завршен до крајот на јуни, иако самиот Булгартрансгаз нема да биде негов оператор.
Заклучно со 15 мај има 113 милиони кубни метри гас во складиштето во Чирен, што претставува околу 21 отсто од техничкиот капацитет, додаде Малинов. Започнало полнењето на бугарското складиште за гас и дневно се танкираат околу 1 милион кубни метри гас.