Еуростандард банка е во сериозни неколкумесечни преговори со бугарски инвеститор заинтересиран да ја купи, брифираат вработени во банката. Вработените тврдат дека преговорите влегле во финална фаза, а бугарскиот инвеститор веќе почнал консултации со државните институции кои треба да ја одобрат купопродажбата.

Од Еуростандард денес ниту потврдија ниту демантираа дека се во преговори со бугарски инвеститор. Најавија одговори на прашањата од „Макфакс“ околу продажбата на банката, но до објавување на текстот не ги одговорија.

За можното купување на банката по покажаниот интерес за акциите, не сакаа да зборуваат ниту од Комерцијална банка. Оваа банка пред две недели, преку Македонската берза извести дека ја разгледува можноста за преземање акции издадени од Еуростандард, за што веќе направиле контакт со раководството за размена на информации.

„Во оваа рана фаза постапката не претставува намера за преземање и во ниту еден аспект нема обврзувачки карактер, освен да го изрази првичниот интерес во рамки на претходна постапка да се стекнат информации врз основа на кои би се дефинирала евентуална намера за преземање во иднина. Поради тоа, ова известување не треба да се толкува како официјална намера за преземање на акциите издадени од Еуростандард банка АД Скопје“, извести Комерцијална банка пред две недели откако дел од медиумите пренесоа дека Комерцијална банка ја купува Еуростандард банка.

Акционерите на Еуростандард позитивно одговорија на интересот на Комерцијална за преземање на акциите. Тие преку соопштение известија дека преземањето ќе придонесе за подобрување на услугите и производите што ги нуди банката.

Од Комерцијална банка не одговорија на прашањето дали во бугарскиот инвеститор гледаат конкуренција за преземање на Еуростандард.

извор: Makfax