Приходите од продажба на оружје се зголемени во 2023 ширум светот. Според податоците на Институтот за мировни истражувања СИПРИ, најголем пораст на приходи бележат производителите од Русија и од Израел.
Пред сѐ, војните во Украина и во Појасот Газа, но и растечките тензии во Источна Азија, ја поттикнуваат побарувачката на оружје и воена опрема. Приходите на 100-те најголеми светски производители на оружје во 2023 година достигнаа вкупно 632 милијарди американски долари, што е зголемување од 4,2 проценти во споредба со претходната година. Ова се наведува во најновиот извештај на Шведскиот институт за мировни истражувања СИПРИ, кој ги анализира деловните резултати на најголемите светски компании во индустријата за оружје.
„Најважниот развој во 2023 година беше тоа што особено европските и американските компании можеа зголемената побарувачка поради војната во Украина да ја преточат во зголемени приходи“, објаснува Шијао Лијанг, еден од авторите на извештајот, во интервју за ДВ.
„Во 2022 година видовме дека многу компании сè уште имаа проблеми со последиците од прекините во синџирите на снабдување поради пандемијата на корона вирус и се соочуваа со тешкотии во зголемувањето на производството“, вели Лијанг.
Русија: зголемени воени трошоци, малку транспарентност
Најголем пораст на приходите во 2023 година забележаа руските компании од воената индустрија. Според истражувањето на СИПРИ, приходите на компаниите од Русија се пораснати за 40 насто. Очекуваната брза победа над Украина не се оствари, па така производството е зголемено благодарение на државните нарачки. Ракети, борбени авиони и беспилотни летала, според извештајот често се произведуваат во повеќесменски режим за да се компензира за големите загуби на опрема на фронтот.
Причината зошто само две руски компании се наоѓаат меѓу 100-те најголеми компании во светот е јасна.
„Повеќето руски компании престанаа да објавуваат финансиски податоци во 2022 година“, објаснува Шијао Лијанг.
Сепак, истражувачите од Стокхолм добија клучни информации благодарение на податоците од Ростек, кој е седми на глобалната листа на производители на оружје.
„Ростек е всушност холдинг кој вклучува седум или осум различни руски компании кои претходно ги имавме во нашата база на податоци. Затоа сè уште имаме прилично добар увид во развојот на тие компании“, нагласува Лијанг.
Единствена украинска компанија во Топ 100 е Украина одбранбена индустрија, која ги зголемила своите приходи за 69 насто.
Подемот на германските производители
Војната во Украина имаше различно влијание врз европските производители на оружје (со исклучок на Русија). Некои земји, како Франција и Италија, забележаа значителен пад на приходите. Наспротитоа, германските фирми забележаа раст од 7,5 отсто.
Вкупно, четири германски производители на оружје се меѓу 100-те најголеми во светот: Рајнметал, Тисен Круп, Хенсзолд и Дил. Како најголема германска компанија, Рајнметал го зазема 26-тото место на глобалната листа и ги зголеми своите приходи за 10 проценти. Оваа компанија произведува и артилериска муниција од 155 милиметри, хаубици и оклопни возила – видови на воена опрема кои се многу барани поради војната во Украина.
Уште поголем раст забележа компанијата Дил, која произведува наведувани ракети и системи за противвоздушна одбрана. Приходите на Дил се зголемени за 30 проценти во 2023 година.
Европа со слаб раст
И покрај растот на поединечни компании, Европа како целина беше регион со најмал раст во секторот на воената индустрија – само 0,2 отсто во споредба со 2022 година. Тоа делумно е последица на ограничените производствени капацитети и релативно ниските буџети за одбрана.
На врвот на листата на 100 најголеми светски производители на оружје и натаму се американските гиганти Локхид Мартин и РТХ (поранешен Рејтеон). И двете компании забележаа благ пад на приходите во 2023 година. Според СИПРИ, причина за тоа е ограничената достапност на специјални компоненти или суровини потребни за воздухопловство и производство на ракети. Значи, проблемот не бил во побарувачката, туку во синџирите на снабдување. Генерално во текот на 2023 година помали производители успеаја побрзо да го зголемат производството во однос на големите корпорации.
Сменета закана во Источна Азија
Во Азија компаниите за оружје од Јужна Кореја и Јапонија значително ги зголемија приходите, што е реакција на зголемените тензии во регионот.
Од 2022 година, Јапонија се наоружува повеќе од кога било по крајот на Втората светска војна. Јужнокорејските производители на оружје успеаја да се пробијат и на европскиот пазар. На пример, компанијата Хјундај Ротем продава борбени тенкови на Полска.
Во Кина каде што вкупниот економски раст забавува, приходите на фирмите за оружје пораснаа за само 0,7 насто во 2023 година, што е најбавниот раст од 2019 година. Според Шијао Лијанг, кинеската индустрија за наоружување ќе продолжи да расте. Модернизација на кинеската војска е „приоритет на кинеската влада и на претседателот Ши“.
Рекордни приходи за израелските производители
Шест од 100-те најдобри производители на оружје се лоцирани на Блискиот Исток. Нивниот приход се зголеми за 18% на 19,6 милијарди долари. Почетокот на војната во Појасот Газа доведе до тоа три израелски компании да забележат рекордна вкупна вредност од 13,6 милијарди долари.
Ова е најголем износ досега забележан меѓу 100-те најголеми компании од страна на израелски производители на оружје. Меѓу овие компании се и производителите на системот за заштита „Ајрон дом“, кој го штити Израел од ракетни напади.