Германската економија сигурно ќе остане „слаба и безволна“ во првите месеци од оваа година, оценува Бундесбанк во извештајот од јануари.

„Малку е веројатно дека економијата ќе излезе од долг период на стагнација во првиот квартал на 2025 година“, се вели во извештајот на германската централна банка, пренесува агенцијата dpa.

Според прелиминарните податоци на националниот завод за статистика, Германија ја заврши 2024 година со рецесија од 0,2 отсто. Ова е втора година по ред на пад на бруто домашниот производ.

„Економијата остана бавна во последниот квартал“, соопшти Бундесбанк. БДП падна за 0,1 отсто во последниот квартал во однос на претходниот.

Посебно лошо е во индустријата, која продолжи да тоне, без доволно работа и интерес од странство. Сепак, се чини дека побарувачката се стабилизираше во последните месеци, додаде банката.

Проблематичен е и градежниот сектор, со мали изгледи за брз пресврт.

Домашната потрошувачка, еден од столбовите на германската економија, требаше да се опорави по порастот на инфлацијата со растот на платите, но домаќинствата остануваат воздржани во трошењето и склони кон штедење.

„Потрошувачката затоа се зголеми само малку“, истакна Бундесбанката.

Ова најверојатно се должи на новото забрзување на инфлацијата во декември, на годишна стапка од 2,6 отсто, јави ДПА.