Преку онлајн калкулатор граѓаните можат да проверат колку би изнесувал данокот за возило кое имаат намера да го увезат. Калкулаторот може да се најде на веб страната на Царина.

Според информативната пресметка, ако сакате да купите старo патничко возило кое чини 2 илјади евра, кое има емисии на СО2 од 170 грама, за него калкулаторот покажува дека ќе треба да платите 360 евра данок. А доколку е со дизел мотор – данокот е над 500 евра.

Според стариот закон за истото возило се плаќаше акциза само ако возилото е поскапо од 3 илјади евра.

Сега, за возилата до 10.000 евра ќе се пресметува само еколошкиот данок, а поскапите возила над овој праг, освен овој данок ќе се плаќа и данок по вредност по  возилото.

Данокот за моторни возила почна да се применува од 1 јануари годинава. Според законот, оние возила кои помалку загадуваат плаќаат помали даноци, а електричните се ослободени од данокот.

Со уредбата се предвидува и враќање на данок кон компаниите кои имаат основна дејност превоз на патници или транспорт. На таксистите и транспортерите државата ќе им пресмета 25% помал данок, а ако земе автомобил со повеќе од 7 седишта тогаш данокот ќе биде уште помал.