Во последните две и пол години вложени се повеќе од 100 милиони евра директно во странските и во домашните компании за да се поттикне нивното производство и да ги направиме посоодветни условите за развојот на нивниот бизнис во нашава држава, порача вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска при денешната посета на германската компанија „Вик“ во технолошко-развојната зона кај Алинци, во близина на Прилеп.

Според Царовска се инвестира и во работниците, особено преку дуалното образование во кое е вклучена комапнијата „Вик“ за оспособување на учениците за пазарот на трудот.

-„Вик“ е една од компаниите која е вклучена во дуалното образование, односно усогласувањето на образованието со потребите на пазарот на трудот. Во 2019 година, во таа генерација има 135 ученици кои го посетуваат овој вид на настава. Се грижиме оваа пилот-програма да ги даде резултатите и понатаму, преку стопанските комори, македонската и германската, за сите компании кои имаат услови да се вклучат во оваа програма, изјави Царовска.

Во странските инвестиции, поддржани од државата, како што рече, дополнително се зголемил бројот на вработените за околу 5.000.

– И тоа, од 8.000, денеска се повеќе од 13.000, што е за 5.000 вработени повеќе. Тоа значи се зголемува бројот на вработените со целите и мерките што ги носи Владата, како во домашните, така и во странските компании, со што се дава можност за развој и за раст на компаниите, рече Царовска.

Според министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска, државата е посакувана дестинација со одлична клима за домашните и за странските компании.

-Комапанијата „Вик“ произведува апарати за домаќинството и предвидува нови инвестиции со воведување на изработка на нови производи. Пред 1,5 години кога почна со работа компанијата, почетните инвестиции беа околу шест милиони евра со 60 вработени. Денеска компанијата достигна инвестиции од 13 милиони евра, со цел да стигнат до 15 милиони евра и сега имаат над 200 вработени. Ова е одличен придонес во економскиот развој на Прилеп и на Пелагонискиот регион, како и за внесување на знаења и на технологии, изјави Апостолска.

Крајно, додаде, сето тоа ќе влијае на зголемување на животниот стандард на граѓаните.

-Во меѓувреме течат инвестициските разговори, преговори и ќе има заинтересирани заинвестирање во ТИРЗ зоната кај Алинци, во близина на Прилеп. Компанијата „Вик“ се простира на 5.200  квадратни метри, а во зоната е и комапнијата „Гентерм“, посочи Апостолска.

За изградбата на клучката кај зоната, Апостолска рече дека се очекува да биде готова за неколку недели откако ќе почне пролетната сезона на работа на асфалтните бази.

Вернер Шоеп, план-менаџерот на компанијата „Вик“  најави зголемување на инвестициите во технолошко-равоната зона кај Прилеп.

-Планираме во наредниот период да ја прошириме оваа релативно млада компанија во Македонија. Од почетокот имаме одлична поддршка од државата и затоа решивме да продолжиме со инвестициите. Работиме на леење пластика и склопување на финални производи и работиме за светски познати брендови. Целта ни е со растот на фабриката да расте и да се развива локалната заедница, изјави Шоеп.

„Вик груп“ е германска компанија која се занимава со производство на мали електрични апарати кои имаат примена во домаќинството со околу 6.000 вработени. Седиштето на компанијата е во Есен, Германија и Хонг Конг. Компанијата е основана во почетокот на 50-тите години на 20-от век, а освен во земјава свои производствени капацитети има и во Шенжен, НР Кина и Батам, Индонезија, а центарот за иновации, дизајн и развој се наоѓа во Есен, Германија. Компанијата има развиено стотици системски решенија и произведени се милиони производи за многу водечки меѓународни брендови.