Casa pazza nel ministero delle finanze или за тие што не знаат италијански, а е актуелно: Луда куќа во министерството за финансии

Бев решен после моето мислење за новата министерка за финансии да не коментирам на оваа тема, туку да ги олабавиме луѓето и да почекаме што ќе сработат, па ослободени од медиумски притисок, тие да го дадат својот максимум согласно нивните капацитети, но едноставно развојот на настаните не не остава рамнодушни.

Имено, една архаична слика во црно-бела верзија на некоеси министерство за финансии во некојаси земја, отсекогаш барем мене, ми била: досадна, еднородна работна атмносфера, каде доаѓа дебелиот министер и цел ден во микс од  чад од цигари, хартии и идеи еднообразно се дискутира за децимали. И тој, досадниот и дебел министер за финансии, следејќи ја секојдневната рутина, следејќи го катадневниот ритуал го пие истото утринско кафе со години, со години мрчи за истите проблеми, на ист начин ги брише замастените наочари и на ист начин е незадоволен од децималите кои никако ѓаволски не се поклопуваат со посакуваните. И во еден збор сублимирано, со сета таа неподнослива леснотија на постоењето на тој дебел и досаден министер за финансии кој ја крои судбината на плебсот, тоа било и треба да е куќа на досадата, меланхонијата и втренченоста. Ништо не се случува, бидејќи мал е распонот и разликата од економските теории и практиката, мали се осцилациите и ништо не се случува. Тој еден збор би бил: ДОСАДНО…..

Е, ама кај нас тоа не е случај. Кај нас оваа куќа од каде треба да извира мудрост, водство и концепти е прилично забавна и возбудлива. Од повеќе аспекти. Уште со назначувањето на новата министерка почна трилерот. И изгледа дека филмот добива на динамика.

Откако, министерката го објави својот тим ( сосема беспотребна информација искористена против неа од скоро сите медиуми, а воедно и прва официјална грешка нејзина ) почна нашата паланечка лавина критики за Ана-Марија Макеска, чија задача ќе била да биде координатор на социјални медиуми и односи со јавност. По архаично речено, секретарка, да не бидам вулгарен со термини како кафекуварка или стјуардеса. Додуша видовме каков координатор за медиуми и јавност испадна на несакање, но сепак импактот го направи и ги доби своите медиумски пет минути. За жал на овој начин. Но мене воопшто не ме засега оваа млада и по се изгледа доста експлицитна госпоѓа. Ето се сликала пред да биде јавна личност од тимски ков, па заборавила да ги избрише приватните слики. Ништо страшно… донекаде и историски гледано овие позиции отсекогаш барале одредени „преломи“ на носителките… Таа согласно позицијата нема никакво  суштинско значење за ресорот финансии, така да ја оставаме да си позира…

Втор член од тимот, г-ѓа Кристина Попова ни е преставена како шеф на кабинетот и лице кое доаѓало од  реномирана странска ревизорска куќа. Ако добро се провери, оваа г-ѓа ни доаѓа од KPMG Macedonia каде има стаж од 9 месеци! Претходно била во влада и други министерства и цело време била советник. Што советувала не знам како што не знам многу детали ни на позицијата шеф на кабинет, но кога имаме позиции фотокопирач-умножувач во истово министерство, хејј нема фрке за било која друга позиција.

Трет член од тимот е г-ѓа Ивана Станковиќ, со одредено искуство во некои фирми за консалтинг и услуги од доста специфични теми, опсег на теоријата која го надминува нашето реално бизнис опкружување, но делува посигурно и има одреден стаж. И посакувам се најдобро и многу успех.

Четврт член од тимот е г-ѓа Олимпија Христова Заевска каде гледаме дека реалната кариера и почнува од 2018 години и повторно, разбира се, како советник. И претходно се маткала по некакви проекти и организации, искрено не знам ни што се, ни што работат. Денешните називи на работни места и „институти“ сместени во гарсоњети или ПО сандачиња се толку фенси што искрено повеќето не ги разбирам што значат. Студирала политички науки во сите степени, што бара во ова министерство стварно не ми е јасно… Единствена логична врска која можам да ја најдам е второто презиме од госпоѓата и моменталното работно место како Советник за развој и меѓународна економија на Премиерот, што и да значи и ова… И повторно пологичен ми е првиов погореспоменат факт….Со среќа и нејзе и посакувам.

Но сепак, ова е поискрениот и ревносниот дел од тимот, кој искрено повеќе го почитувам од тоа што следи. Жениве барем имаат достоинство и став и се рамо до рамо со министерката. Следни во тимов (не) се : Труст Мозгова… Професорот Марјан Петрески и Експертот Павле Гацов, кои единствено побрзо што направија од потпишувањето на хонорарниот договор за совети и експертизи беше заедничката изјава од двата различни профили дека не биле дел од тимов… Така ами како… кога се лапаат хонорари се дел од тимов, кога ќе ги објават не се дел од тимов… Бидејќи ако ги обележат како дел од овој тим ( а не ветува многу резултати ) утре не ќе можат да лапаат хонорари од некој друг тим… проста логика ти е тоа… толку проста, што двајцава „еминентни експерти во своето поле“ ја даваат идентичнава изјава секој на својот профил ( цитирам ): Јас не сум бил дел од кабинет на ниту еден министер досега, па ниту сега сум дел од кабинет. Да ги разјасниме нештата. Ангажманот е експертски со точно определен делокруг на експертиза (независна анализа на ефектите од применетите политики од фискалната сфера…

Така ами како…. Тие имаат свое мислење и се независни. Ама утре пак можат да го адаптираат мислењето кон новиот тим. Не се венчани тие за еден тим… Ова ти е исто, како да дојде некоја дебело платена НБА ѕвезда на прес конференција и да каже: Видете, јас играм за Чикаго Булс како надворешен консултант играч, ама до Нова година, потоа сум независен, бидејќи тогаш ми истекува договорот и во моментов не сум член на Чикаго Булс….ова е таа мудрост на нашиве експерти која е прилично автохтона и најдобро е опеана во стариот бугарски гаф со син му на Тодор Живков : „ Тази дупка, не е дупка“. Ама и за да изградиш ваков арогантен став, треба храброст. На секој експерт во својата земја треба да му е чест да е дел од тимот на министерството за финансии, во случајов, а не вака да се оградува. Вакво оградување од дневнополитички тралалајки можам да разберам од величини како Милтон Фридман или Џон Мајнард Кејнз, како основоположници на мејнстрим парадигми во економијата и финансиите, како колоси на науката, како основоположници на модерното време и „чувари на цивилизацијата“… Што вие сте придонеле за економската или финансиската наука за ваква арогантност? Треба ли да ви одговорам?

Тоа ти е…. Ќе гледаме циркузи, а со години ќе плаќаме грешки, суети, незнаења и произволни тумачења на работите, тимовите, договорите и концептите. Во борбата со суетите, егото, плагијатизмот, партизацијата, транзицијата и сиромаштијата, ваквите екипирања едноставно после се што гледаме можам да ги дефинирам, а и да завршам како што почнав, како Casa pazza nel ministero delle finanze.

 

Наум Димитровски