Се трошат последните пари од ИПАРД 2 програмата. На последниот оглас пристигнале 58 барања за инвестирање на 8,8 милиони евра во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и производи од риба. Крајниот рок за набавката на опремата е до крајот на мај идната година …
На последниот јавен повик од ИПАРД 2 програмата се пристигнати 58 барања за инвестиции од 8,8 милиони евра. Според Министерството за земјоделство со нивната реализација веќе целосно се искористени средствата од претходниот фонд за претпристапна помош од Европската унија.
Во овој јавен повик средствата се наменети за поддршка за вложувањата во основни средства и за преработка и маркетинг на земјоделски и на производи од риба.
Приоритетни сектори, се млеко, месо и нивни преработки, јајца и живина. Потоа овошје, зеленчук и житарици. Растителни производи, вино и производството на енергија преку погони за преработка.
Прифатливи за кофинансирање се 50 проценти од трошоците за набавка на опрема и услуги, без вложувањата за градежни работи.
Бидејќи се работи за повик од ИПАРД 2 програмата, крајниот рок за реализација на инвестициите e 31 мај 2024, а поднесувањето на барањата за исплата ќе трае до 30 јуни 2024 година.
Целта на ИПАРД Програмата е преку соодветни мерки да се подобри конкурентноста на земјоделското и производството на храна, усогласување со стандардите на Европската унија и економски развој на руралните средини.