Министерството за финансии соопшти дека денеска во целост е исплатена евробврницата од 500 милиони евра земена во 2018 година.

Средствата за сервисирање на оваа обврска беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка со камата од 3,25 проценти, рок на отплата 15 години, со вклучен грејс период од три години.

– Со цел да се обезбедат средства по најниски трошоци за  исплата на оваа Еврообврзница, беше потпишан Договор за заем со унгарската Експорт-импорт банка. Условите под кои ги добивме средствата направија заштеди на буџетот по основ на камати и по основ на провизии. Ќе продолжиме со политиките на редовно и навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства по најповолни услови, изјавила министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, посочувајќи дека 2025 година ја почнуваме со ликвидни и стабилни јавни финансии кои ќе овозможат редовно и навремено сервисирање на обврските.

Земјата досега има издадено девет еврообврзници, од кои шест се веќе исплатени, а во наредните години доспеаваат за отплата уште три еврообврзници издадени во 2020, 2021 и 2023 година во вкупен износ од 1,9 милијарди евра.