Многу производители на чоколадо ги зголемуваат цените, а сега им се придружува особено популарниот бренд Milka.Големите малопродажни синџири како „Алди“, „Едека“, „Кауфланд“, „Реве“ и „Росман“  оваа недела нудат чоколадни табли Milkа во класична големина по цена од 1,99 евра, наместо досегашните 1,49 евра, покажува анализата на порталот за споредба на цени „Шмагл“.

Во продавниците на некои други трговци на мало, сè уште може  да се купат разни производи на овој бренд по речиси нормални цени. Регионално, цените може да варираат, на пример, поради промоции и попусти.

 

Производителот на Milka, компанијата „Монделез“ засега не сака да ги коментира поскапувањата. Последен пат Milka чоколадото поскапе во малопродажба минатото лето, за околу 10 проценти.

Чоколадата од други производители, како Ritter Sport, веќе значително поскапеа минатата година. Lindt & Sprüngli исто така ги зголеми цените и планира уште едно поскапување во текот на годината.

Производителите се жалат на лошата реколта и на последиците од климатските промени. На почетокот на 2024 година цената на зрната какао достигна рекордна вредност.

Има недостиг на какао на светските пазари, што ги зголемува цените, вели Керстин Вебер, експерт во Светскиот фонд за природата.

Екстремните временски услови како што се долготрајните суши, обилните дождови или поплавите ги намалија приносите, влијаеја на квалитетот или целосно ги уништија посевите.

На многу места, какаовите дрвја се исто така нападнати од болести. Вебер очекува цените да останат високи во текот на годината.

Чоколадото е во просек за 14,6 отсто поскапо во декември отколку во истиот месец од 2023 година, покажуваат податоците на Сојузниот завод за статистика, а цените биле во пораст и претходните години.