Блокадата на протокот на гас од Русија кон Европа, преку Украина, и воената акција на украинските сили во Русија ги потиснаа цените на резервите на гас на Стариот Континент на највисоко ниво од почетокот на годинава.

Тргувањето на најголемата европска берза за гас во Холандија е затворено во петокот по цена од 41 евро за мегават-час, што е раст од 14 отсто од почетокот на неделата.

Предвременото запирање на транзитот на гас преку Украина, во светло на упадот на украинските војници во југозападна Русија оваа недела, може да доведе до скок на зимските цени за дополнителни 17 отсто од сегашните нивоа на околу 50 евра за мегават-час. Пазарот дефинитивно реагира на заканата, и таа не е занемарлива.

Вниманието на засегнатите страни на европскиот пазар на гас го привлече и информацијата дека украинските сили, во својата кампања во рускиот регион Курск, ја зазеле постројката за компресија на гас „Суја“, во близина на истоимениот град. „Монтелњуз“ пренесува информација од украинската компанија што стопанисува со гасоводи, дека немаат сознанија за запленувањето на „Суја“ и дека немало прекин на протокот на гас од внатрешноста кон „Суја“.

Порталот потсетува дека иако се очекуваше да престане протокот на руски гас низ Украина до крајот на годината, сегашната загуба на руското снабдување преку таа маршрута ќе ги намали очекуваните резерви на гас во европските магацини на крајот од октомври.

Во исто време, празнењето на резервите надвор од очекуваното темпо, веројатно, нема да биде проблем за претстојната грејна сезона, но неговото надополнување во 2025 година би било „многу тешко“, заклучува „Монтелњуз“.