Цената на златото е на добар пат да го доживее најголемиот месечен пораст од јули минатата година, стимулирана од ризикот од инфлација пред објавувањето на клучните податоци за американското економско закрепнување и слабеењето на вредноста на доларот.
Некои претставници на ФЕД изјавија дека може да се очекуваат притисоци во цените поради зголемената побарувачка со повторното отворање на економијата. Индексот „PCE” што го користи ФЕД за проценка на инфлацијата се искачи на 3,6 проценти, што е највисок раст од 2008 година, пренесува „Bloomberg”.
Вредноста на златото ги надокнади сите загуби од 2021 година како еден од металите со најдобри перформанси во мај, во услови на знаци на пораст на инфлацијата и потенцијално нееднакво економско закрепнување, поради повторното ширење на коронавирусот во некои земји.
Според аналитичарите, мај беше одличен месец за цената на златото, како резултат на малку пониската вредност на доларот, пониските приноси на обврзниците и изненадувачки високиот „CPI”, што предизвика инфлациски страв.
Цената на златото минатата недела достигна вредност од 1.912,76 долари за унца (31 грам), што е највисока од 8-ми јануари. Цените на среброто, паладиумот и платината исто така се зголемија, а експертите проценуваат дека нивниот натамошен пораст е неизбежен.