Со две минимални плати не се врзува крај со крај, велат граѓани со кои разговараше РСЕ, а покажуваат и пресметките на синдикатот. Храната и пијалаците во основната потрошувачка кошничка во јануари се за 2.000 денари поскапи од јануари лани. Економско-социјалниот совет треба да одлучи дали минималецот ќе расте, како што бараат работниците, но седница на ова тело досега не е закажана.
Кога ќе излезам од продавница застанувам пред врата и повторно ја пресметувам фискалната сметка. Сумата секогаш е повисока од што сум планирала…Три производи, од кои едвај еден ручек да направиш, се 1.000 денари најмалку, е искуството на скопјанката Милена М. со пазарењето во маркетите за подготовка на храна за нејзиното четиричлено семејство.
„Килограм поевтино месо, нешто зеленчук и салата за еден ручек, толку чинат. Штедам колку се може, купувам од маркети во кои има попусти, комбинирам оброци да поминам поевтино, а пак најголем дел од платата оди за храна“, вели Милена.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објави дека вредноста на минималната потрошувачка кошница за јануари изнесува 63.252 денари. Или, за една година поскапела за 6.000 денари, ако се спореди со јануари минатата година.
Притоа, на четиричено семејство во јануари му биле потребни 23.198 денари само за храна и пијалаци. Тоа е за 123 денари повеќе од истиот трошок за декември, но и зголемување за над 2.000 денари од истиот месец лани до сега.
Минималната плата во Северна Македонија е 22.567 денари (367 евра). Ако двајца возрасни во семејството земаат минимална плата, тие можат да купат едвај половина од основните производи. Според статистиката, ќе им недостигаат уште 18.000 денари за да го да го „протуркаат“ месецот.
Од земјите во регионот, македонските работници земаат повисок минималец само од работниците во Косово и во Албанија.
Времето минува, стандардот стои, цените растат
Поради тоа, Синдикот подолго време бара минималната плата да се зголеми на 450 евра. Стопанската комора на северозападна Македонија предложи минималната плата да порасне на 31.500 денари (500 евра), но придонесите за вработените да останат исти, на ниво на сегашната минимална плата.
За сегашниот минималец работодавачите плаќаат по 9.700 денари придонеси.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, изјави дека Владата ќе прифати се за што ќе се договорат работниците и работодавачите.
Бранимир Јовановиќ, економист на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, вели дека тоа што го прави владата за минималната плата му делува како скриен „дил“ со газдите.
„Викаат – нека, ќе прифатиме сѐ што ќе договорите вие со синдикатите, а знаат дека тие никогаш нема да се договорат. И времето минува, платите стојат, цените скокаат, а газдите тријат раце. Само откако е дојдена новата влада, трошоците за живот на едно четиричлено семејство се зголемени за 3000 денари – минималната синдикалната кошница во јуни беше 60.000 денари, во јануари е 63.000. И после ќе се чудат газдите што не можат да најдат работници, а политичарите што десетина илјади луѓе си заминуваат од државата секоја година“, изјави Јовановиќ за Радио Слободна Европа(РСЕ).
За предлогот за минимална плата од 500 евра, а исти придонеси, треба да се расправа на првата наредна седница на Економско-социјалниот совет и Владата да се произнесе. Тоа е тело во кое заеднички учествуваат претставници на Владата, на синдикатите и на работодавачите. Таква седница досега не е закажана.
Во меѓувреме, ССМ алармира дека трошоците за живот се енормни зголемени за работниците.
„За 12 месеци, посиромашни сме за најмалку 20 отсто. Кај синдикалната минимална кошница имаме зголемување од 10, 65 проценти за една година. Инфлацијата во државата не може да биде 3,5 отсто, туку е над 10 отсто“, рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ на 21 јануари, објавувајќи ги најновите податоци за вредноста на синдикалната кошница.
За да го намали ценовниот шок, Владата промовира кошници со производи со намалени цени, во определен рок, како велигденска, новогодишна, рамазанска… Во новогодишната кошница, надлежните очекуваа поевтинување на основните прехранбени производи за најмалку 10 проценти во споредба со цените во претходните 30 дена, додека граѓаните реагираа дека во реалноста цените не се намалени.
ССМ и Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ) се согласни за минимална плата од 500 евра. Но, за Организацијата на работодавачи тоа се тешко може да се реализира. Нивното образложение е дека ако минималната плата биде 30.00 денари, тогаш и сите останати плати во државата треба да се зголемат за 25 отсто.
„Тоа е невозможна работа“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Како до повисок „минималец“
Според Јовановиќ, и 500 евра веќе се малку за минимална плата, а фирмите „без дилема“ можат да издржат истата да се зголеми. Тој вели дека Северна Македонија сѐ уште е земја во која профитите на газдите се повисоки од платите на работниците – и ако малку се намалат, сепак би останале на исклучително високо ниво.
„Минималната плата треба да се постави на 50 отсто од синдикалната кошничка, за да може едно семејство со двајца вработени со минимална плата да ги задоволи своите најосновни потреби. Тоа во моментов е 515 евра. Сѐ под тоа е недоволно и значи дека и оние што работат може да гладуваат“, вели Јовановиќ.
Според него, ако се намалуваат придонесите, како што предлага Комората на северо-западна Македонија, тоа мора да биде проследено со воведување на
прогресивен данок, како во Црна Гора пред неколку години бидејќи без прогресивен данок, ќе се направи дупка во буџетот која после тешко ќе се закрпи.
Според Виктор Митевски, извршен директор на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ), барањата за зголемување на минималната плата се оправдани, особено со оглед на зголемените трошоци за живот и стабилизирањето на инфлацијата, која според податоците од октомври 2024 година изнесува 3.5 отсто.
Сепак, вели тој, капацитетот на буџетот за покривање на трошоците од ваквото зголемување зависи од неколку клучни фактори, вклучувајќи го растот на реалниот БДП, кој се движи меѓу 1.5-2 отсто во последните години и расположливите јавни приходи.
Според Митевски, реално спроведлива опција е минималната плата да се зголемува постепено, системски, како што се пресметуваше последниве неколку години, во согласност со растот просечната плата и инфлацијата.
„Ваквиот пристап ја задржува конкурентноста на пазарот и ги минимизира ризиците од инфлаторни притисоци. Ад-хок зголемување на минималната плата би бил само уште еден популистички потег кој може да донесе повеќе штета, отколку бенефит. Дополнително, а можеби и поважно од актуелизирање на прашање кое е веќе системски решено, е потребата Владата да воведе мерки за поддршка на малите и средни претпријатија, како субвенции за иновации и дигитализација, кои би ја зголемиле продуктивноста и би го олесниле финансискиот товар од повисоките плати. Ова е балансиран пристап што ги задоволува интересите на сите засегнати страни, а истовремено придонесува за природен и постепен раст на платите“, изјави Митевски за РСЕ.
Минималната плата во Северна Македонија се пресметува според методологија која претходната Влада, синдикатите и работодавците ја усогласија во февруари 2022 година. Меѓу критериумите за годишното усогласување на минималната плата се тоа да се прави со 50 проценти од годишниот раст на платата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Како новина тогаш беше вметнат условот минималецот да не биде понизок од 57 проценти од просечната плата во државата што ја објавува Државниот завод за статистика.
Законското зголемување на минималната плата треба да се случи во март кога таа ќе се зголеми од сегашните 22.567 денари на 24.400 денари.
Во регионот, во 2024, најниска минимална плата од 316 евра имаа работниците во Федерацијата Босна и Херцеговина, но тамошната влада донесе одлука минималната плата во тековната 2025 година да се зголеми на 511 евра. Косово летово го зголеми минималецот на 350 евра. Најниската плата во Албанија е околу 400 евра, а во Србија е 450 евра.
Минималната месечна заработка во државите во Европската Унија се движи од 477 евра во Бугарија до 2.571 евра во Луксенбург.