Птичјиот грип повторно прави проблеми на американскиот пазар на живина, а најдрастично поскапување веќе има кај јајцата. Болеста ги принудува фармерите да колат милиони кокошки и пилиња месечно, со што цените на јајцата во САД се двојно повисоки од нивните цени во летото 2023 година, без олеснување на повидок со оглед на порастот на побарувачката како што се приближува Велигден, јавува Си-ен-ен.

Просечната цена на пакување од 12 јајца во декември достигна 4,15 долари (3,98 евра, 0,33 по парче), а Министерството за земјоделство предвидува дека годинава цената ќе се зголеми за нови 20 отсто. Рекордот од 4,82 долари за истото пакување беше поставен пред две години, а купувачите во некои делови на САД веќе плаќаат двојно повеќе од просечната цена, или, уште полошо: продавниците воопшто немаат јајца или се ограничени во тоа колку може да се купат. Епидемијата на птичји грип, која започна во 2022 година, е главната причина за поскапувањето, а кога тој вирус ќе биде откриен на една од фармите, се коле целото јато.

Производството на пилешки јајца и во Европската Унија беше значително намалено, делумно поради енергетската криза, но поттикот беше токму ширењето на вирусот на птичјиот грип. Повеќе од 50 милиони живина угина во 2022 година во Европа поради заканата од птичји грип и убивањето на дивите и домашните птици, пренесува „Политика“.