Светските цени на храната пораснаа втор месец по ред во април. Вкупниот пораст на цените најмногу се должи на поскапувањето на месото, а делумно на маслото и на житариците.
Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, која ги следи месечните промени на цените на житариците, маслодајните семиња, млечните производи, месото и шеќерот, во април достигна 119,1 поени, наспроти 118,8 поени во март, објави Кликс.ба.
Нагорно беше ревидиран и индексот за март, кога Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации првично го посочи индексот на цените на храната за месецот на ниво од 118,3 поени.
Сепак, и покрај понатамошниот раст, светските цени на храната во април беа за 7,4 отсто пониски од минатогодишното ниво. Најзначаен раст во април е забележан кај цените на месото. На месечно ниво се зголемени за 1,6 отсто бидејќи поскапеле говедското, јагнешкото и живината. Свинското месо поевтини. Пораснаа и цените на житарките, со што заврши тримесечниот период на пад.
Причината е главно зголемувањето на извозните цени на пченката. Благ пораст забележаа и цените на маслото за јадење, кое достигна највисоко ниво во последните 13 месеци. Поскапеа сончогледот и семето од репка. Незначително паднаа и цените на млечните производи. Со тоа заврши шестмесечниот период на континуиран раст.