По значителниот скок во 2022 година, цените на храната во ЕУ продолжуваат да растат оваа година, а маслиновото масло во септември поскапело 75 отсто од јануари 2021 година, објави денеска „Евростат“.
Како што е наведено на веб-страницата на организацијата, податоците за вториот и третиот квартал покажуваат дека цените на јајцата, путерот и на компирот во ЕУ растат нешто побавно од претходно, а цената на маслиновото масло постојано расте.
Компирите поскапеле 53 отсто од јануари 2021 до септември годинава, а пикот е забележан во јуни кога цените на оваа храна биле 60 отсто повисоки во однос на првиот месец од 2021 година.
Јајцата беа поскапи 37 отсто во септември отколку во јануари 2021 година. Нивната цена се стабилизира во првите два квартала од 2023 година, а одредено намалување е забележано во август и септември.
Цените на путерот пораснаа на сличен начин. Врвот на растот беше во декември 2022 година кога цените беа 44 отсто повисоки од јануари 2021 година, оттогаш тие постепено забавуваат.