Унгарската Влада воведе контрола на цените на храната, откако инфлацијата го достигна највисокото ниво во Европската унија. Унгарија го забележа најлошиот бран на инфлација во ЕУ од руската инвазија на Украина во 2022 година, а зголемените цени продолжуваат да претставуваат голем проблем за домаќинствата. Според официјалните податоци објавени минатата недела, цените на храната пораснале за 7,1 отсто за една година, пренесува Ројтерс. Под притисок на инфлацијата и бавното економско закрепнување, Орбан најави големи даночни намалувања за мајките и ограничување на маржите на 30 групи на храна за да го спречи растот на цените. „Доколку владата утврди дека малопродажните синџири не ја почитуваат регулативата, ќе ја прошириме на сите категории на храна! Подготвени сме и повторно да воведеме регулирани цени како последно средство“, соопшти унгарското Министерство за економија, објави Индекс.хр.

Годишната инфлација во Унгарија е највисока меѓу членките на ЕУ. За време на претходниот голем бран на инфлација во 2022-2023 година, цените на храната се искачија на просечните нивоа на ЕУ, а владата потоа воведе и контрола на цените. Но, според истражувањето на унгарската централна банка, претходниот пораст на цените беше делумно предизвикан од ниската продуктивност и високата потрошувачка на енергија во прехранбената индустрија – проблеми што останаа дури и по падот на инфлацијата.

Досегашните ограничувања на цените на храната имаа негативни последици бидејќи компаниите загубите ги надоместуваа со зголемување на цените на другите производи, велат од централната банка. Унгарското здружение за малопродажба ОКСЗ проценува дека најновите мерки би можеле да ја намалат инфлацијата на храната за 1-2 процентни поени, под услов да нема дополнителни зголемувања на цените во синџирот на снабдување.