На лондонската берза цената на барелот по пладне беше пониска за 1,11 долари во однос на вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 80,50 долари. Вчера ја затвори трговијата во минус 3,57 долари.
На американскиот пазар барелот денеска се тргуваше по пониска цена од 1,20 долари, од 79,17 долари. Вчера го заврши тргувањето со загуба од 3,45 долари.
Трговците вчера беа потресени од скокот на залихите во Соединетите држави, што следеше по забавувањето на кинескиот извоз.
Залихите на нафта во САД се зголемија минатата недела за речиси 12 милиони барели, според извори кои се повикуваат на податоци од здружението на производители API.
Владата го одложи објавувањето на извештајот кој во текот на денот требаше да ѝ биде претставен на јавноста.
Вчера Министерството за енергетика прогнозираше дека потрошувачката на нафта во САД ќе се намали за 300.000 барели дневно оваа година. Досега очекуваа да се зголеми за 100 илјади барели дневно.
Како лош знак пазарите на почетокот на неделата го протолкуваа и падот на кинескиот извоз во октомври, за 2,5 отсто. Но, нервозата ја ублажи силниот раст на увозот на нафта.
Кинеските рафинерии го намалија темпото на рафинирање во третиот квартал, сепак, по рекордното високо ниво во претходните три месеци, изјавија трговците и консултантите, посочувајќи на пониските профитни маржи и скромните извозни квоти за остатокот од годината.
Во декември треба да се намали и обемот на преработка, оценуваат тие и да се ограничи побарувачката.
Гувернерот на кинеската централна банка денеска изјави дека економијата треба да ја достигне целната стапка на раст од околу пет проценти оваа година.
Организацијата на земјите извознички на нафта смета на Кина и проценува дека глобалната економија ќе расте и ќе ја поттикне побарувачката за гориво, и покрај негативното влијание на високата инфлација и зголемените каматни стапки.
Одделно, ОПЕК објави дека барел од нафтената кошница на нејзините членки вчера паднал за 2,36 долари на 86,50 долари.