Цените на нафтата паднаа на меѓународните пазари кон 27 долари бидејќи ограничувањето на патувањата и социјалните контакти поради пандемијата на коронавирусот ги намалуваат изгледите за побарувачката.
На лондонската берза цената на барелот падна за 1,39 долари во однос на претходното затворање, на 27,34 долари. вчера трговијата заврши со речиси идентичен минус.
На американската берза со барелот денес се тргуваше по 2,59 долари пониска цена, од 24,44 долари. вчера тргувањето заврши со минус од 1,75 долари.
Минатиот пат со нафтата во САД се тргуваше по толку ниска цена во далечната 2002 година, кога Кина тукушто го почнуваше својот подем кон позицијата глобална економска сила, кревајќи ја светската потрошувачка на рекордно ниво.
Денес најбогатите држави во светот се подготвуваат да потрошат стотици милијарди долари за да го ублажат ефектот на пандемијата на коронавирусот врз економиите, ограничувајќи ги паралелно социјалните контакти со мерки какви што не се видени од Втората светска војна.
„Колапсот на побарувачката по нафта поради ширењето на коронавирусот е сѐ поакутен“, заклучуваат аналитичарите на Голдман Сакс во белешката до клиентите, проценувајќи дека цената на барелот во Лондон во вториот квартал ќе падне на најниско ниво од почетокот на 2002.