Цените на станбените недвижнини во ЕУ и во еврозоната пораснаа во првиот квартал со најсилна стапка во последниве повеќе од 15 години, се вели во извештајот на европскиот статистички институт Еуростат.

На годишна основа, цените на недвижнини во ЕУ се зголемија за 10,5 отсто во првите три месеци од оваа година, што е највисоко од крајот на 2006 година. На крајот на 2021 година тие се зголемија за 10,1 отсто.

Во еврозоната цените скокнаа за 9,8 отсто во првиот квартал, што е највисоко откако Еуростат почна да објавува податоци во 2005 година. Во последниот квартал од минатата година се зголемени за 9,4 отсто.

Сите земји од ЕУ чии податоци беа достапни на Евростат забележаа годишен раст на цените во првиот квартал, во 17 од нив стапката на раст беше двоцифрена.

Цената на станбените недвижнини во Чешка порасна за 24,7 отсто. Следат Естонија со 21 отсто и Унгарија со 20,6 отсто.

Во Хрватска цените на станбените недвижнини во првиот квартал од годинава се повисоки за 13,5 отсто во однос на истиот период лани. Во претходниот квартал тие пораснаа за 9,1 отсто на годишна основа.

Кипар имаше најскромен раст на цените, 1,1 отсто. Следуваат Финска и Италија, каде цените на недвижнините пораснале за 4,3, односно 4,6 отсто. Евростат нема податоци за Грција.

Сите земји-членки имаа пораст на цените на тримесечно ниво, а најсилно беше во Естонија, каде што скокнаа за 7,1 отсто. Следуваат Унгарија и Бугарија, со пораст на цените на недвижнините за 6,7 и 5,2 отсто, соодветно.

Најблаг раст на цените на недвижнините на квартална основа има во Малта, за 0,4 отсто. Следуваат Кипар и Германија, каде што забележале раст од 0,5, односно 0,8 отсто.