Трошоците за градење паѓаат, но цените на становите отидоа до плафон. Може ли државата да ги сруши цените на станбениот квадрат во земјава кои во Скопје надминуваат 2.000 па и 3.000 евра?! Граѓаните на нож реагираа на оглас кој се појави неодамна, каде луксузен стан во центар на Скопје се продава по над 5,300 евра за квадрат, или 47 квадрати за 250.000 евра. А реагираше и поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски со предлог до Владата – да се разгледа можноста за регулирање на маржите во градежниот сектор за да се спречи неконтролиран раст на цените.

-На краток рок државата може да интервенира, на начин што ќе го зголеми, ќе се воведат практики на ограничување на маржите на изградбата на новите станови и тоа во определен временски период, се додека не се стабилизира цената, слично на примерот кој што се користи во Франција каде што се врши привремено замрзнување на цените на градежните и комуналните услуги. Сметам дека е тој еден од моделите, изјави Кирил Миноски, поранешен министер за финансии.

Миноски смета дека може да се искористат примери од многу европски земји, но кај нас може преку законски измени да се земе примерот со Законот за нефер трговски практики кој сега важи само за прехрамбените и земјоделските производи. Тој со предупредување:

-Сите кризи кои до сега во светот се појавуваа, од 1997 година преку 2008 година се врзани со недвижнини и неконтролиран раст на цена на недвижнини, изјави Кирил Миноски, поранешен министер за финансии.

Од Министерството за транспорт не добивме став за овој предлог. Претходно најавија дека ќе се работи на изградба на комерцијални згради преку Јавното станбено претпријатие, и цената на државните станови ќе се фиксира на 1.000 евра.

Анализата на Бизнис 21 покажа дека ако во 2020 година, кога се последните официјални податоци на Регистарот за цени и недвижнини, метар квадратен во Скопје се продавал за 970 евра, сега цените се најмалку дуплирани.

Дека растат цените и од почетоков на годината потврдува и специјализираниот сајт за цени cenakvadrat.com. Па така во моментов просекот во Центар на Скопје надминува 2.000 евра. А над 1.900 евра е просечната цена за метар квадратен во Карпош.

И додека цената на станбениот квадрат руши рекорди, статистика објави дека во јануари се издадени 317 дозволи за градба – 23,8% повеќе од истиот месец лани. Ќе се градат 759 нови станови, најмногу во Илинден.