Ново зголемување на цените на производите. Минималната кошница расте, а тоа го потврди и синдикатот. За основни трошоци, за едно четиричлено семејство се потребни повеќе од 60.000 денари…
Струјата, горивата, пекарските производи. Сите најавуваат нови цени, граѓаните размислуваат како да го поминат месецот. Синдикатот одново пресмета зголемување на синдикалната кошница. Без илјада евра, едно четиричлено семејство не може да го помине месецот.
Граѓаните во исчекување на новото поскапување на цената на струјата. Велат дека време е да преземат мерки за намалување на цените во маркетите, за да се амортизира ценовниот шок.
„Лошо е, многу е скапо, не стигнува за сè … Секогаш кога има зголемување на цените лошо е за стандардот … Зголемени се цените, а околу 60% од приходите ни одат за храна“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Според пресметките ССМ, во јуни, само за храна, едно просечно семејство треба да одвои над 22.000 денари од вкупниот износ на кошницата.
Во однос на јануари, кога минималната синдикална кошница изнесуваше 57.163, овој месец е зголемена за 3.162 денари или за 5,5%.
Дополнителен трошок за семејствата што живеат под кирија, потребни им се над 15.000 денари, пари кои добар дел од граѓаните мака мачат да ги обезбедат.