Од октомври следната година Централниот регистар ќе мора да ги впишува вистинските сопственици на фирмите. Нема да може како сопственик на фирма во Македонија да се јавува друга фирма, туку ќе мора да стои, кој човек, со името и презимето е мнозински сопственик.
Целта е да се спречи перење на пари и вештачко испумпување на средствата од фирми ќерки и нивните основачи, фирмите мајки.
„Законот за спречување на пари и финансирање на тероризам веќе е донесен во Собранието на Република Македонија, а ние како Централниот регистар имаме обврска до први октомври идната година да го имплементираме регистарот на вистински сопственици. И законот и правилникот ги работиме заедно со управата за финансиско разузнавање и финансирање на тероризам “, вели Марија Бошковска-Јанкоски, директорка на Централниот регистар.
Оваа обврска ќе важи не само за новите фирмите кои допрва ќе се регистрираат, туку и за постоечките, а нема да бидат изземени ниту директните странски инвеститори во слободните економски зони.
Со новите измени на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, под засилен надзор ќе бидат политичарите во земјава, кои пред 2-3 години беа избришани од Законот. Управата за јавни приходи на дневна основа сега ќе ги следи нивните трансакции и банкарски сметки.
За намалување на сивата економија во земјата, Владата со истиот Закон го намали прагот за плаќање во готово од 15 илјади на 2 илјади евра. Од јануари следната година во готовина ќе се плаќа до 1000 евра, а од јуни износот ќе се намали на само 500.