Управниот одбор на Централната банка на Русија (БР) денеска соопшти дека на вонредна седница ја зголемил референтната каматна стапка од 8,5 отсто на 12 отсто.
Аналитичарите претходно не ја исклучија можноста за зголемување на референтната каматна стапка за 100 до 350 базични поени, па ова зголемување на каматната стапка е на горната граница на прогнозата, пренесува Комерсант.
Банката на Русија не ја дочека редовната седница за зголемување на каматната стапка, што беше закажана за 15 септември, бидејќи доларот вчера надмина 101 рубља, а еврото над 110 рубљи, што е најголем пад на рубљата од март 2022 година.
Максим Орешкин, економскиот советник на рускиот претседател, Владимир Путин, вчера изјави дека лабавата монетарна политика на БР е причина за слабеењето на рубљата, но изрази надеж дека руската Централна банка ќе успее да ја нормализира ситуацијата.