Централната банка на Русија (БР) смета дека западните санкции против Москва нема да бидат укинати пред 2026 година.
Ова се наведува во нацрт-Упатството за обединета државна монетарна политика за периодот од 2024 до 2026 година објавено од БР, пренесува Комерсант.
Според основното сценарио на Банката на Русија, геополитичките услови нема значително да се променат во следните три години, а западните санкции ќе продолжат да важат.
Во исто време, регулаторот предвидува забавување на глобалниот економски раст, што ќе го намали растот на побарувачката за руски стоки.
„Главните ризици за руската економија се поврзани со влошувањето на геополитичката и економската ситуација на глобално ниво“, се наведува во документот подготвен од Банката на Русија, пренесува Танјуг.
Покрај основното сценарио, БР наведе две алтернативи за развој на светската економија во следните три години.
Првата претпоставува натамошна фрагментација на глобалната економија и зголемен притисок врз Русија, а втората предвидува глобална криза во финансискиот сектор која ќе биде споредлива со кризата од 2008 година.