Западен Балкан е приоритет на ЕБОР и целиот свет сака регионот да успее, изјави директорот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти, на отворањето на Самитот за Западен Балкан во Лондон, посочувајќи дека ЕБОР досега инвестирала речиси 13 милијарди долари во регионот.
Забележувајќи дека ова е историски самит, Чакрабарти потсети дека првиот ваков Самит се одржал во 2014 година и е добар модел за сите други самити за другите региони, каде што ЕБОР исто така инвестира.
„Целиот свет сака овој регион да успее“, рече Чакрабарти.
Тој додаде дека ЕБОР сака да даде единствен придонес во процесот на интегрирање на земјите од регионот во ЕУ што е можно побрзо.
„Овие самити на ЕБОР за Западен Балкан имаат посебна улога во зближувањето на политиката и економијата преку директен дијалог. Овие самити се фокусираат на практични резултати и проекти и го промовираат Западен Балкан како исклучително привлечна дестинација за инвестиции“, рече Чакрабарти.
Тој истакна дека сака инвеститорите да комуницираат со премиерите на Западен Балкан и да ги вратат дома со опипливи резултати, нови работни места и инвестициски партнери.
Во овој поглед, тој посочи дека шест нови проекти ќе бидат потпишани денеска за време на самитот.
Чакрабарти рече дека Западен Балкан е „преводник на промените“ и водич за другите региони.
Тој истакна дека ова е неговиот последен самит, бидејќи му истекува мандатот на чело на ЕБОР, но додаде дека Западен Балкан останува приоритет и се надева дека инвестициите ќе продолжат.