Со воведувањето на квотитет за извоз на македонски челик и алуминиум од страна на Европската унија, кои ќе траат три години, македонските компании од овој сектор ќе плаќаат царина од 25 насто.
Европската комисија во петокот попладне упатила нота до Македонија со која се известува за воведување на заштитни мерки за извоз на овие производи, чие надминување ќе ги чини компаниите 25% царина. Досега овие производи беа извезувани без царина. Ова денеска на брифинг го соопшти вицепремиерот за евроинтеграции, кој додаде дека се прават напори од страна на владата оваа мерка да не биде воведена за Македонија.
„Согласно новата формулација просекот на извоз во 2015/2016/2017 година, плус 5% раст, како заштитини мерки поради тарифите кои САД ги имаат кон ЕУ и сега ЕУ го заштитува својот пазар. Се што ќе биде експорт над тие проценти, над тие тони извоз, ќе биде царинето со 25%. Имаше проценки дека можеби штетата да биде и до 100 милиони евра на годишно ниво“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
Во делот на исполнувањето на критериумите за добивање на датум за старт на преговори Османи вели дека Македонија направила голем исчекор во исполнувањето на политичките и на реформските процеси и очекува позитивна одлука за датум од Советот на ЕУ во јуни. Според него направен е пробив во сите области од реформите и се пофали дека од предвидените 101 мерка во Планот 18, реализирани се 66%.
„Заради резултатите кои ги постигнавме, заради позитивната клима која што валдееше оваа година Европската комисија излезе со индикативна временска рамка 2025 година за членство пред се на Србија и Црна Гора. Задоволство е овие денови да слушнеме од Комесарот Хан дека и Македонија е на пат да ја фати таа индикативна временска рамка од 2025 година“, вели Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања
Иако Османи очекува 2019 година Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, вели дека има техничка дилема околу тоа, поради европските избори, поточно Извештајот од Европската комисија за Македонија место во април да биде објавен кон крајот на мај или почетокот на јуни. Поради тоа постои реална закана од краток рок кој ќе го имата земјите членки да го разгледаат Извештајот за земјава пред да донесат одлука на Советот на ЕУ на крајот од јуни.
„Ние сме убедени дека ќе бидеме подготвени за резултати од ЕК, но не смееме да си дозволиме заради ситуации во самите земји-членки или во самата ЕУ, да има некое одложување во тој дел“, вели Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања
На денешниот брифинг беше информирано дека наскоро ќе започне и изградбата на автопатот од Скопје до Блаце, кој ќе чини околу 110 милиони евра кои дел ќе се покриваат со кредит од Европската банка за обнова и развој, но и со европските фондови за Западниот Балкан.