Како и други европски земји, Чешка одлучи да ги заштити граѓаните и компаниите од растот на цените на пазарот среде намалениот доток на руски гас во Европа, што е последица на руската воена операција во Украина и европските санкции против Москва.

Чешката влада соопшти дека ќе направи национален план, кој мора да помине во парламентот, и кој е дел од паневропското решение, кое го подготвуваат Европската комисија и државите членки.

„Ја гарантираме висината на цените, сите ќе знаат колку ќе плаќаат и ќе биде невозможно некој да плати многу повеќе од минатата година“, кажа Фијала на конференција за медиумите.

Цените на електричната енергија за домаќинствата ќе се ограничат на 6 чешки круни (0,24 евра) по киловат час и 3 круни за гас, а таквите цени ќе се применуваат од ноември.

Фијала додаде дека во среда ќе биде познато и решението за високите цени на енергенсите за индустриските субјекти.

Владата ќе овозможи и јавниот сектор, вклучувајќи ги училиштата, болниците и општините, да имаат гарантирани цени на енергенсите.

Министерот за финансии Збинек Стањура кажа дека ограничувањето на цените државата ќе ја чини околу 130 милијарди круни следната година, а пакетот мерки ќе се финансира со дополнителни давачки за секторот на производство на енергија, рафинериите, банките и трговците со гас и електрична енергија.