Македонските компании да ја искористат можноста и да станат дел од ланецот за снабдување со производи и услуги за потребите на НАТО трупите. Според надлежните, членството во Алијансата не значи само стабилност, туку и шанса за економски развој, бидејќи за компаниите од земјава отвара пазар вреден 5 милијарди евра.
“Државата не може да го води вашиот бизнис, меѓутоа државата може да отвори врати. И ова што сега се случува, нашето членство во НАТО, ќе ја отвори не само воено-политичката врата, туку и економската врата за нашите фирми да можат да настапат и на овој тежок, но голем пазар”, изјави Радмила Шеќеринска, министерка за одбрана.
Претставници од двете агенции задолжени за набавки за НАТО трупите пред бизнисмените од земјава ги претставија можностите за учество на тендерите на Алијансата. Македонските компании може да понудат производи и услуги во делот на храна, текстил, обувки и кожна индустрија, метална, автомобилска индустрија, останати логистички потреби на армијата, но и ИТ услуги.
“Имаме многу можности да работат со нас и морам да кажам дека ние се радуваме на оваа соработка. Критериумот е штом ќе имате можност за трговска активност, тогаш ќе имате право да бидете дел од активностите на Агенцијата за поддршка и набавки во НАТО Алијансата”, вели Патрик Фиске, директор на Агенцијата за поддршка и набавки во НАТО.
Некои од македонските компании веќе искажале интерес за учество на тендерите на Алијансата, но тоа сè уште е неможно бидејќи основен услов за аплицирање е фирмата да доаѓа од земја членка на НАТО.