Црна Гора официјално се приклучи на Единствената зона за плаќање во евра (SEPA), соопштија денеска Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ) и Европскиот совет за плаќања.
„Црна Гора, под водство на ЦБЦГ, успешно ги усогласи националниот платен систем и регулативата со стандардите на Европската Унија (ЕУ), станувајќи првата земја од Западен Балкан која пристапува кон SEPA“, се наведува во соопштението.
Со ова, од април 2025 година црногорските финансиски институции ќе можат да испраќаат и примаат SEPA кредитни трансфери, моментални трансфери и директни задолжувања со минимални или без никакви трошоци.
Гувернерката на ЦБЦГ, Ирина Радовиќ, истакна дека ова претставува значаен чекор за финансиската интеграција на Црна Гора со ЕУ, додека Џорѓо Андреоли, директор на Европскиот совет за плаќања, го оцени како потврда на европската определба за унапредување на електронските плаќања.