Црногорските комерцијални банки заработиле вкупно 66,4 милиони евра во првата половина од годината, што е за 112 отсто повеќе во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ).
Деловниот резултат на банкарскиот сектор е повисок во слични проценти во однос на сите претходни пет години, особено во однос на 2020 година, кога беше воведен мораториум за отплата на кредитите поради последиците од пандемијата на коронавирус, објавено е на порталот Инвеститор.
Црногорските банки во периодот од јануари до јуни 2020 година оствариле само 16,10 милиони вкупна добивка, така што таа година не може да се споредува со другите.
И европските банки бележат огромни профити во претходните години, па затоа владите на одредени земји размислуваат за дополнително, еднократно оданочување на финансискиот сектор.
Од ЦБЦГ за порталот „Инвеститор“ изјавија дека одлуката за евентуално воведување дополнително оданочување на добивката на банките треба да се заснова на сеопфатна анализа на влијанието на оданочувањето врз работењето и адекватноста на капиталот на банките на долг рок, во контекст на изложеност на нивното работење на бројни ризици.