Полека ама сигурно, Скопје станува центар на нов бизнис тренд кој го привлекува вниманието на инвеститорите и предизвикува дебати меѓу граѓаните.
Станува збор за изнајмување станови за краткотрајни средби, што се покажува како профитабилна активност за сопствениците на недвижности.
Со растечкиот број на платформи за онлајн резервации како „Airbnb“ и „Booking“, локалните сопственици на станови откриваат дека издавањето на своите простории за една ноќ може да им донесе значително поголеми приходи во споредба со традиционалното изнајмување.
Оваа практика, иако не е нова, сега забележува забрзан раст.
„Почнав да изнајмувам мојот стан на ‘Airbnb’ за една вечер и брзо забележав дека заработката ми е повеќе од двојна”, изјави еден сопственик на стан во скопската населба Козле.
Со цена од околу 30 евра за ноќ, додава тој, ако станот е постојано издаден, можам да заработам многу повеќе отколку со месечен наем.
Овој тренд, иако економски исплатлив за сопствениците, предизвикува и одредени етички прашања.
Некои граѓани изразуваат загриженост за моралните и социјалните последици кои може да ги има оваа практика врз заедницата.
„Се прашувам дали ова е правилниот начин за заработка? Каква порака испраќаме до младите и до нашите соседи?”, коментираше Марија, мајка на две деца и жител на Скопје.
Познавачите на пазарот со недвижности велат дека за разлика од кај нас, во светот ова е регулирано со закон и не може сите станови да се издаваат и не може баш секој да се занимава со овој бизнис.
Иако дебатата продолжува, едно е сигурно: изнајмувањето станови за една вечер се утврдува како нова реалност во урбаниот живот на Скопје, со сите свои предности и предизвици.