Целта на моето денешно размислување е да направиме една кратка ретроспектива и пресек на поламандатниот период, кој најавен во јуриш, со полни едра и гради ентузијазам се сублимира на ниво на водена патлошка… Барем по мое мислење….

Но, да одиме по ред… Навистина е потребна храброст да се превземе државната каса и државните финансии после ураганот Грујо, кој до толку ги раштима државните финансии што генерации понатаму ќе ја чувствуваат „влагата“ на овој циклон. Сигурно најголем циклон во нашата историја, како од финансиска природа, така и од секој друг аспект. Засилен од сервилноста на тајфунот Ставре, овие еднодецениски финансиски непогоди не донесоа на такво дереџе што тројца Ајнштајни комбинирано не можат да најдат решение за омалаксаната македонска каса… Сакам да истакнам дека 90% од сегашните финансиски проблеми потекнуваат од тоа доба… Без разлика на нивниот ПР и „градителство“ – таа гарнитура не уназади минимум за 50 години.

Но тоа помина и на сцена се појавија „неки нови дечки“…. Дечки можеби е најсоодветен израз… Согласно југоносталгичното титуларство, бирократски салонизам и партиски непотизам, крвниот тек на економијата, Министерството за финансии беше доверено на млади, ентузијасти кои надвор од школските клупи и преводите на последните англосаксонски економско-финансиски парадигми и немаа баш некое практично искуство. Не сакав во тој период да пишувам – се со цел – да ги видиме нивните резултати и со искрена надеж да се поправат колку што се можат работи во финансиите и економијата.

Е сега да сублимираме што направија :

  1. Во вкупната синергија на вкупно досега оствареното, нема да навлегувам во цифри, иако тие тоа и би го потврдиле, но би се задржал на генералниот дискурс на оваа постава.  Се подигнаа даноците. И тоа не било кои даноци… Даноците на рајата. Спротивно на нивната номинална левичарска заложба, се подигнаа даноците на малиот човек, даноците на кирии и ренти, персоналниот данок над милион денари. Не постои никаков „левизам“ и „егализам“ кога државата го „јава“ се посилно малиот човек и стопанственик. Напротив, левичарстовто и еднаквоста може да произлезе од поголемо оданочување на вистинските стопани на оваа земја и нејзините ресурси, а тоа се големите компании, најчесто во странски раце. Јас и други пати прашував, и се разбира дека не добивме никаков одговор, зошто не се покачи корпоративниот данок на овие компании и зошто не се прекинува со субвенционирање на истите. Македонскиот граѓански „црв“ го носи на свои плеќи странскиот крупен капитал и притоа не му даваат ни да се побуни… Значи даночната реформа ( читај покачување на даноци бидејќи касата е празна ) беше и е целосен „промашај“ и целосно отстапување од левичарската парадигма.
  2. Внатрешното и надворешното задолжување продолжи со несмалено темпо… Мене ми е јасно дека веќе дојдоа во полн ефект ануитетите од ураганот Грујо и тајфунот Ставре, но не се сервисира стар долг со нови долгови, туку со кратење на непродуктивни трошоци ( ги имаме милион ) и со штедење…. Да драги мои, со штедење.. За тие години кога се примаше плата за лепење плакати и урлање по митинзи, сега доаѓаат години на молчење и штедење… Значи натамошното задолжување е неприфатливо… Не ме интересираат ни изговори, ни флоскули од типот : задолженоста е под 50% од БДП и останати популистички авангарди. Додуша ова штедењево ќе ни биде наскоро наметнато преку други западни механизми и канали, бидејќи е нормално и логично.
  3. Големата реформа на системот во УЈП. Типично македонска реформа без концепт, логика и иднина. Јас треба сам да се регистрирам во системот ( важи и за луѓе родени меѓу двете светски војни ) , треба да испечатам некаков лист, одам со листов на заверка „у подрачној единици пореза“ и потоа пресметувам дали точно ќе ме „чарџаат“. Многу јака реформа, едноставна, брза и логична. Само не ми е јасно, вработените што редовно земаат 1000 ЕУР бруто од државен буџет во УЈП, зошто не ги регистрираа луѓево… Ах, заборавив – тие божества имаат други посериозни проблеми и „немој многу да се буниш пошо знаеш што може да се деси….“ Јас не знаев што може да се случи и не се регистрирав намерно. Ми дојде последно „упозорење“ пред да бидам прекршочно казнет. Одлично смислен систем… Мастермајндот на овој проект – логичен след на претходните ароганции, безидејности и нелогики….
  4. Одиме на персонално ниво, кој што работел и сработил, и ќе почнам од човекот кој најмногу ме изненади – „советникот“  Бранимир Јовановиќ. Не знам конкретно што сработил и што го советувал на министерот. Некако ми делува млако, недоносено и постојано ја вергла истата англо-американска парадигма на економските и финансиски тероретски поставки. Друже, тоа е се во ред, си ги научил книгите, но дали нешто од тоа добро се примени, адаптира и имплементира на мекедонската еднемска почва? Колку што гледам – НЕ! Но, не е тоа она што мене ме зачуди, ти си само еден од стотиците илјадници ухлебени на државна боска – теоретичари. И тоа не ти го земам за зло, ни прв ни последен. Мене ме фрапира начинов на кој замина – преку објава на фејсбук. Чао другови, бидна што бидна – Abandon ship ! Не оди така тоа, без извештај за сработеното, без никаква сериозност, без никаков респект за граѓаните. Најголем минус овој лик кај мене има за вулгарното и арогантно напуштање на бродот, а се знае кои први го напуштаат бродот… ГлуФците..
  5. Министерот „Данска“ – исто така – теоретичар, кој од двоминутните паузи на комисии до ефтиниот маратонски ПР со сликање и берење ѓубре, не остави никаков полезен печат во финансиите на земјава. Друже Тевдо, не ве гласавме ние, најсиромашниве европјани, за да берите ѓубре и да трчате по маратони. Да треба да трчате, но по други ходници и земји. Што е за право, тајфунот Ставре беше многу добар во тие трки и јако трчаше по многу ходници на СБ, ММФ, ЕЦБ и други. За погрешна кауза, но сепак трчаше… Вака твоите реформи ми се видоа млаки, безидејни, анти-ливичарски дури и анти-пазарни. И повторно, реалниот живот не е катедра на факултет, затоа биди претпазлив што посакуваш зошто може да ти се оствари. Е сега кога се оствари, треба да направиме план? И за крај, зошто е потребен цел тој драматизам околу разрешувањето – па кренати глави, па трогателни писма, па вратоломни статуси… Во ред е друже… Keep it professional….
  6. Премиерот Заев, со целосна моја почит за некои потези од други свери кои ги направи. Ти господине Заев веќе имаш осигурано место во нашата историја, секако. Но во делот Вие да го водите Министерството за финансии, сметам дека е лоша идеја. Не може селекторот да игра во среден ред – фудбалски речено. Што барате Вие таму? Изјавивте дека треба да се превземат чекори кои никој не сака да ги превземе…. Кои се тие чекори? Дека треба да одиме на карта штедење? Дека треба да се брка половина јавен сектор? ( Што мислам дека треба да се брка дури и повеќе) … Кажете им го тоа на луѓето, на гласачите… Најотворено, најлогички… кој е добронамерен ќе разбере, кој не сака да разбере – негов проблем ; но секако ќе разбере за брзо. Зошто се да е во тајност. Кажете му и на новиот министер за финансии дека ќе треба да брка и да се намалува јавниот сектор. Кажете му и на коалициониот партнер дека мора да се во иста линија со Вас. Кажете јасно и гласно дека „долази време оскудација“… не е ништо страшно тоа. Тоа ќе дојде секако… Колку и да го одложуваме, кога ќе отвараме поглавја за преговори со ЕУ, јавниот сервис ќе дојде на тема. Е тогаш нема да има изговори… Едноставно ќе дојде од Берлин „катиљ ферман“ и кој и да е ќе го изврши… Зошто внесуваме во се, беспотребен драматизам и фатализам….

Да завршам, моево мислење не е „пукање во мртов коњ“, напротив- секој кој ќе го води било кој ресор во државава има обврска пред граѓаните да дава отчет и да ги подобрува работите, а и треба да биде под надзор на будното око на јавноста. И наредниот министер и советник ќе биде тема на критика и нека бидат спремни за тоа…..

 

 

Наум Димитровски