Стратегиски инвеститор во енергетиката ѝ треба на Македонија само за реализација на проектот „Вардарска Долина“, сите други позначајни енергетски објекти Македонија мора сама да ги изгради со сопствени средства затоа што Македонија мора постојано да го зајакнува својот енергетски суверенитет со постојан пораст на сопственото производство на електрична енергија.
За капиталната линиска инфраструктура: Потребни се итни големи инвестиции во енергетиката
Енергетиката во земјава со децении е занемарувана, не е изграден ниту еден грандиозен енергетски капацитет. За повеќе од три децении независност, државата изградила нешто меѓу 140 и 150 мегавати. Сѐ друго што е изградено во енергетскиот сектор, се приватни инвестиции од приватниот сектор. Наедно, државата е увозно зависна и троши милиони евра за да набави струја. За енергетскиот сектор често се вели дека е крвотокот на секое стопанство. Но тој исто така е и двигател на стопанскиот развој. Енергетските компании се меѓу најголемите во земјава, а некои се и меѓу најпрофитабилните. Зголеменото производство, поголемата ефикасност и инвестициите во овој сектор дополнително ќе влијаат врз економскиот развој на земјава. Според експертите, мора итно да се инвестира во домашното производство на струја и да се престане со уништувањето на енергетскиот сектор.
Енергетскиот сектор, изминатиот период, го обележаа предлог-законите што се испратени во Собранието, кои ќе се носат по скратена постапка, зелена транзиција и ослободување од јаглен, инвестициски бум во соларни паркови, но без јасна идеја како да се чува енергијата, пропаѓањето на 14-от обид за хидроцентралата „Чебрен“, како и нови закони за стратегиски партнери од странство, кои треба да инвестираат во гасни и соларни постројки.
Универзитетскиот професор Константин Димитров вели дека енергетиката бара големи инвестиции, но со тоа се купува мирот во наредните децении. Според него, императив треба да биде изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ на Црна Река, која според најповолното сценарио треба да има моќност од над 450 мегавати и да произведува над 1.000 гигават-часа струја годишно, што е речиси колку сите други хидроцентрали заедно, но не да ги градат странски компании, туку државата.
– Македонија мора со државни средства итно да почне со изградба на големи електроенергетски објекти што ќе обезбедат електрична енергија со најниска цена за потребите на граѓаните на Македонија. Постои огромна разлика меѓу сопствено производство на енергија и купување енергија од странство или од приватни производители на тлото на Македонија. Зависни сме од продавачите и има голема можност за уцена, финансиска или политичка. При критични состојби, меѓународните договори не се почитуваат. Сопствените потреби секогаш се приоритет. Постои значителна разлика и во цената на енергијата. При домашно производство, цената е пониска и се штити стандардот на жителите и му се овозможува на стопанството да биде конкурентно способно. Приватниот инвеститор инвестира за сопствен профит – истакнува Димитров.
Тој додава дека во тек е тендер за „освежување“ на плановите за борба со климатските промени.
– Ние имаме документација, но не се почитува, државата нема визија да го спроведе тоа што е во таа документација. Но и тоа што ќе се направи, се прави без ум, без знаење, се прават планови, а не се добро размислени – вели професорот.
Како што споменува Димитров, во актуелната стратегија е предвидена можна изградба на три гасни централи, но рокот е до 2023, што значи дека е истечен. Останува рок од една година, до 2025, да се изгради гасна термоцентрала со можност од 450 мегавати, но на тој план не се прави ништо.
И покрај јасна порака до државата од експертската фела самата да ги гради новите енергетски капацитети, во собраниска процедура се четири енергетски предлог-закони со кои во државата треба да се изградат централи и постројки, но со инвестиции од странство.
Соларната централа во Пехчево, која треба да ја градат бугарски сопственици, треба да чини околу 52 милиони евра. Соларниот парк „Стипион“ ќе го гради француска компанија преку македонската фирма „Остро солар“. Тие ќе градат во околина на Штип, а треба да чини 270 милиони евра и да има моќност од 400 мегавати. Предлог-законот предвидува грчката компанија „Митилинеос“ да изгради когенеративна гасна централа во Скопје што ќе чини 290 милиони евра, а Македонија ќе ѝ даде државна помош од 50 милиони евра. Потоа белгиска фирма ќе гради соларен парк, со гасна централа и опционално батерии за 174 милиони евра. И сите овие капацитети чинат помалку од 800 милиони евра.
Професор Димитров вели дека на државата не ѝ требаат инвестициите од стратегиските инвеститори.
– Сѐ што ни е потребно се две когенеративни термоцентрали, една во Скопје, една во Битола, и тоа итно, прекуноќ да се изградат. Тие би чинеле максимум 400 милиони евра. А ова со стратегиските партнер е кражба. Ние насекаде зборуваме дека реалната вредност е далеку пониска од таа што е наведена во договорите. Тоа може да се види и во соседството. Тоа не е крадење, бандитизам е, те пљачкаат, а не можеш да се одбраниш – вели тој.
Според професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, треба да се одржуваат домашните енергетски објекти, а не да се избрзува со нивно затворање. Нивното функционирање е од витално значење за енергетската безбедност и стабилното снабдување на земјата. Тие треба да се исклучуваат постепено, во наредните децении, откако претходно ќе се создадат услови за нивна суштинска замена.
– Исклучително е важно да се вложат искрени сериозни напори за изградба на нови објекти, заради покривање на базните потреби за енергија. Најреална опција за постепена замена е изградба на комбинирани гасно-парни термоенергетски блокови на природен гас. На пример, одлично би дошле една или две комбинирани гасно-парни постројки на природен гас од типот на ТЕ-ТО. Нивната цена последниве години е мошне прифатлива, а по својата техничка природа се карактеризираат со одлични перформанси во однос на енергетската ефикасност, флексибилностa и можностa за релативно брзи промени на оптоварувањето. Тоа оди во прилог на комбинација на таквите постројки во енергетски систем со позначително учество на ОИЕ – дополнува Филкоски.
И професорот на Машинскиот факултет, Атанаско Тунески, нагласува дека е потребно постојано да се зголемува производството на електрична енергија од електроенергетски објекти во државна сопственост, со што ќе се зајакне македонската енергетска сувереност и ќе се обезбеди стабилна енергетска иднина за македонските граѓани и компании.
– Ако постои политичка волја, во наредните четири години е можно да се изградат комбинирани когенеративни електроцентрали (термоцентрали-топлани) во Неготино, Скопје, Битола, кои ќе обезбедат сериозни количества базна електрична енергија, како и топлинска енергија за загревање на домаќинствата и пластеничко производство на зеленчук. Паралелно со ова, државата треба да вложува во изградба на фотоволтаични и ветерни електроцентрали на најдобрите можни локации наместо да им го остава тоа на странски инвеститори што ќе ги користат македонските национални ресурси за да обезбедат сериозни профити со продавање на електричната енергија по берзански цени – укажува Тунески.
Тој смета дека стратегиски инвеститор во енергетиката ѝ треба на Македонија само за реализација на проектот „Вардарска Долина“, сите други позначајни енергетски објекти Македонија мора сама да ги изгради со сопствени средства затоа што Македонија мора постојано да го зајакнува својот енергетски суверенитет со постојан пораст на сопственото производство на електрична енергија.