„ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД“ БАРА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ДА НЕ ГИ ПОТПИШУВА ИЗМЕНИTE НА ЗАКОНОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ:
Од „Зелен хуман град“ сметаат дека измените на Законот за урбанистичко планирање што беа изгласани во петокот во Парламентот, во скратена постапка, се контроверзни и бараат од шефицата на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, да не ги потпишува. Со измените, велат оттаму, се овозможува уништување на плодно земјоделско земјиште со поставување фотоволтаични централи и ветерници.
– Ве повикуваме да покажете дека навистина сте претседателка на сите граѓани и да постапите во корист на граѓаните. Уништувањето плодно земјоделско земјиште во ера на климатска криза е погубно за Македонија, особено имајќи го предвид фактот дека македонското земјоделство со децении се соочува со низа удари предизвикани од лоши владини политики, поради што имаме незапаметен пад во домашното производство и екстремно висока зависност од увозот на храна – истакнуваат од „Зелен хуман град“.
Оттаму остануваат на ставот дека зелената енергија ѝ е потребна на земјава, но да не се поставуваат фотоволтаични системи на плодни ниви, туку на покриви од објекти.
– Поентата со инвестициите во соларната енергија е да се има најмал негативен ефект врз животната средина, а со тоа и врз човечките животи. Но, поентата е и да се ослободат граѓаните на Македонија од енергетската сиромаштија и од енергетските монополи. Со потпишување на указот за овие законски измени, Вие ќе го овозможите токму спротивното, односно продолжување на должничкото ропство на многу наши сограѓани, едноставна замена на еден монопол со друг – велат од „Зелен хуман град“ и порачуваат дека законските измени што се прават по скратена постапка, не може да бидат во корист на граѓаните.