Лихварството е карактеристика на 90 – тите години, кога условите за подигање кредит од банка беа особено скептични и строги во нашиот банкарски систем.
Овие строги и скептични погледи на банките овозможиле поволни услови за појава на една финансиска елита која располагала со слободни финансиски средства кои им ги позајмувала на локалното население и бизниси со астрономски висока камата.
Причини за преземање на ваков чекор се различни од човек до човек. Неколку примери се: „Очекувам прилив на значителна сума на пари, лихвата нема да биде проблем да ја вратам“; „Брзо ќе го вратам тој долг, без разлика на кој начин”; „Лихвата ќе ја инвестирам во бизнис, па од оплодените пари ќе ги вратам парите на лихварот”; „Должам во многу банки, па поради срам подобро ќе се задолжам кај лихвар”
Одговорот за сите кои размислуваат да се задолжат кај лихвар би бил:
- Ако очекувате прилив за скоро време не барајте лихвар, едноставно продолжете да живеете како и дотогаш.
- Ако постои можност толку бргу да го вратите долгот, немојте дополнително да се задолжувате, бидејќи ако нешто тргне наопаку, тогаш нема да ви се заканува само судски извршител, туку и директна закана за физичко насилство, не само вас, туку и на вашето семејство;
- Каматната стапка на лихва се движи од 36 % до 180 % на годишно ниво. Не постои легален бизнис кој ќе овозможи толкав степен на збогатување во краток рок од една година. Ако вашата бизнис идејата е толку добра што ќе овозможи висок степен на поврат на средствата, сигурно ќе се заинтересира некој да инвестира во неа;
- Банката нема да ви нанесе физичко насилство, во најлош случај може да ги заплени само дел од имотите дадени на хипотека, а лихварот ако не му ги вратите парите ќе ви се заканува со физички повреди и ќе го запленат целокупниот ваш имот.
Никогаш немојте да влегувате во „устата на волкот” односно да се задолжувате кај лихвар. Ако имате финансиски проблеми или потреба од задолжување поразумно е да поразговарате со финансиски професионалци и консултанти кои ќе ви дадат разумен совет согледан со други очи.