Владата на денешната седница го утврди новиот текст на Предлог-законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Целта на законот, како што информираат од Владата, е тој да се усогласи со одредбите од четвртата ЕУ Директива за спречување на употребата на финансискиот систем за перење пари и финансирање на тероризам од 2015 година.

– Согласно оваа директива, меѓу другото, се прецизираат и усогласуваат одредбите кои се однесуваат на вистинските сопственици и се предвидува воспоставување на регистар на вистински сопственици во рамки на Централниот регистар на РМ. Со тоа се предвидува обврска за правните лица да поседуваат, чуваат и да ги впишат во регистарот на вистински сопственици податоците за нивните вистински сопственици, и се намалува износот на забраната за вршење на готовински плаќања од 15.000 евра на 2.000 евра, се вели во соопштението од Владата.