Во десеттиот месец од 2023 година, просечната плата во државата изнесувала 38.843 денари или 630 евра и во однос на истиот месец 2022 се зголемила за 17,3 проценти.
Некаде кон крајот на февруари ќе се знае колку изнесувала просечната плата во декември 2023 година, со што точно ќе се знае колку таа пораснала од 2022 до 2023 година.
Веќе во март оваа година ќе се зголеми и минмалната плата на 22.500 денари и ќе надмине 350 евра.
Тоа, очекувано ќе влијае и на зголемување на сите плати, вклучително и на просечната плата.
Минатата година просечната плата растела во просек од по 15 проценти споредбено со месеците од 2022 година (во феврури 13%, во април 14,6%, во јули 14,1% во септември 16,4%).
Ако овој модел се преслика и во оваа година за очекување е просечната плата да надмине 43.000 денари, односно таа на крајот на годината да изнесува над 700 евра.
Односно, ако октомвриската плата во 2024 година се зголеми за 15 отсто споредено со истиот месец од 2023 година, тоа значи дека веќе во октомври оваа година просечната плата ќе изнесува 44.660 денари или над 720 евра.
Но тоа е се во рамките на теоритте и претходните искуства, сепак економските движења, миграцијата, како и глобалните економски текови, ќе имаат свое влијание врз раст на платите, па за десет месеци отсега ќе видиме колку оваквите проценки ќе се остварат.
Во оваа 2024 година, покрај платите ќе растат и пензиите.
Во март е првото од двете усогласување на пензиите, а иако нема конкретен процент и се уште е рано тој да се одреди, првите проценки покажуваат дека пензиите во март би требало да пораснат за близу 6 проценти, а второто зголемување на пензиите, како и секоја година ќе се случи во септември.